Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА), европското политичко семејство кое ги претставува народите, регионите и малцинствата во Европскиот парламент, во Валенсија, Шпанија, едногласно ја усвои Резолуцијата поднесена од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ): „Заштита на македонското малцинство во Албанија и заштита на правата на малцинствата во процесот на проширување на ЕУ“.
Претседателот на овој единствен политички субјект на етничките Македонци во Албанија, Васил Стерјовски, вели дека е тоа голем историски ден за Македонците од сите региони, не само во Албанија.
-Пред делегатите на Генералното собрание на Европската слободна алијанса (ЕФА), ги претставив предизвиците со кои се соочува македонската заедница во Албанија, како и нашата борба за еднаквост, достоинство и почитување на основните човекови права, вели Стерјовски.
-Со усвоената Резолуција, ЕФА, јасно, бара од албанските власти целосно да ги гарантираат и спроведат правата на Македонците во Албанија, да обезбедат образование на македонски јазик, праведно политичко претставување и рамномерен развој на регионите населени со Македонци.
Воедно, со оваа Резолуцијата се осудува политиката на негирање и асимилација на Македонците во Албанија преку надворешни политички притисоци од страна на Бугарија и ја повикува Европската комисија да покрене истрага за состојбата со македонското малцинство во Албанија.
Според него, оваа поддршка од европското семејство на малцинствата и народите, претставува силна порака дека Европа се гради врз почитување на различностите, правото на самоидентификација и заштитата на човековите права.
Стерјоски упати благодарност до сите партии-членки на ЕФА за нивната едногласна поддршка и солидарност со македонската заедница во Албанија.
-Нашата борба продолжува, смело, достоинствено и гордо. Ќе продолжиме да се залагаме за правата на Македонците во Албанија, уверени дека вистината, правдата и европските вредности ќе победат. Гласот на Македонците од Албанија се слуша во Европа, вели Стерјоски.
Стерјоски, истовремено, упати благодарност до сите партии-членки на ЕФА за нивната едногласна поддршка и солидарност со македонската заедница во Албанија.
Веле Митаноски


