Вести Македонија Ударни вести

Еколошка катастрофа на Охридското Езеро

Сподели:

 

Вознемирувачка слика ги затекна денеска жителите на крајезерската населба Љубаништа, каде брегот на Охридското Езеро во должина од неколку километри е прекриен со разноразен отпад од пластика, пренесува ohridnews.com.

 

 

Шишиња, ќеси, гајби и друга пластична амбалажа и цврст отпад донесе реката Черава, која од соседна Албанија  се влева во Езерото, а бранот го исфрли на брегот, велат мештаните.

Доколку брзо не се реагира и не се исчисти крајбрежјето, овој отпад ќе заврши во езерото, предупредуваат локалните жители. Тие апелираат надлежните служби и локалната сампуправа да преземат најитна акција, со цел да се спречи еколошка катастрофа.

Охридското Езеро има голема моќ на самопречистување, но овој исклучително значаен еко систем во кој живеат бројни ендемски видови, со децении се оптоварува од човекот до крајни граници, на очиглед на одговорните институции и научни установи, чија цел е да го заштитат овој редок природен ресурс. Но, се чини дека системот целосно потфрлил во случајот со Охридското Езеро. Безмилосното уништување на рибниот фонд, градежниот атак и немилосрдната комерцијализација на крајбрежјето, големото оптоварување со пловни објекти и високите осцилации на нивото, се само дел проблемите кои го мачат се’ уште најголемиот басен со питка вода во овој дел од Европа, а ако на тоа се надоврзе ниската еколошка свест и загадувањето, тогаш е повеќе од јасно во каква опасност е три милиони старото езеро.

ohridnews.com.

 

Сподели: