Вести Изјави Македонија Топ теми Ударни вести

Доставениот усвоен закон за работни односи нема одредба за 60 часовна работна недела

Сподели:

 

Изминатиот петок, на 26.05.2023. ги примив петте закони за изменување и дополнување на постојни закони, а чија што содржина се однесува на изградбата на коридорите 8 и 10Д, во јавноста познати како закони за проектот на државата со американско – турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“.

 

 

Законите кои што беа усвоени со пропишано мнозинство во Собранието, а чии што укази за прогласување стигнаа до мене се следниве:

  1. Закон за изменување и дополнување на законот за работни односи
  2. Закон за изменување и дополнување на законот за експропријација
  3. Закон за изменување и дополнување на законот за градење
  4. Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање
  5. Закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за импементација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10Д.

Изминатите недели во јавноста се разви легитимна дебата во однос на содржината на овие закони, а за еден од нив и за неговата уставност имајќи ја предвид одлуката на Уставниот суд од минатата година.

Неспорејќи го легитимното право за сеопфатна дебата за секој закон, вклучително и овие, сакам да укажам дека дебатата од мал број на субјекти беше употребена за зголемување на и онака високата поларизација во нашето општество, што го отргна фокусот од вистинските прашања поврзани со овие закони. Односно наместо дискусијата да се насочи кон придобивките и можните ризици во однос на проектот, јавната дебата се претвори во расправа за нашите стратешки евроатлански ориентации и аспирации.

Во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи сакам да ја информирам јавноста дека текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд која што предвидуваше дека „работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината“.

Изминативе месеци дадов неколку јавни изјави дека нема да потпишам указ за прогласување на закон кој содржи одредба што претходно е оспорена од Уставниот суд и во таа насока новиот текст на законот не ја содржи  формулацијата „60 часовна работна недела“.

Изминативе денови направив низа консултации во однос на уставноста на новиот текст на законот со експерти од областа на трудовото право, со поранешни судии на Уставниот суд и со советниците во мојот кабинет.

По сумирањето на различните мислења донесов одлука да го потпишам Указот за прогласување на овој закон, и на останатите четири закони.

Сепак, имајќи ги предвид приговорите на дел од синдикатите, дел од граѓанските здруженија кои работат во оваа сфера, како и на некои политички партии укажувам дека секоја заинтересирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој закон, вклучително и на овој закон.

Уставниот суд е единствената институција во нашиот правен поредок која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите.

Уставниот суд има на располагање и механизми со кои може брзо и ефикасно да донесе соодветна одлука, ако така сметаат судиите на Уставниот суд.

Сподели: