Вести Свет Ударни вести

Eксплозија во британскиот град Лестер – четворица загинати

Сподели:

Четири лица загинаа, а уште четири други се повредени синоќа во експлозија при што се урна трикатна зграда во градот Лестер во централна Англија, соопшти утрово британската полиција.

– Досега имаме потврда за четири смртни случаи, додека во оваа фаза неколку лица остануваат на лекување в болница, изјави началникот на полицијата во Лестер, Шејн О’Нил.

Тој нагласи дека е можно ова да не е конечниот биланс на жртви, бидејќи не е исклучено под остатоците на зградата да има уште затрупани лица.

Причините за експлозијата, што се случила во продавница во приземјето на куќата, засега се уште не се утврдени, но британската полиција уште синоќа ја исклучи можноста дека станува збор за тероризам.

Во соопштението објавено на Твитер, локалната полиција наведе дека инцидентот ќе биде предмет на заедничка истрага со противпожарната служба. – Во оваа фаза, нема индиции дека експлозијата е поврзана со тероризмот, се вели во соопштението.

Според локални жители, експлозијата, што се случила околу 19 часот по локално време (20 часот по средноевропско време), била „огромна“.

Британската полиција ја оквалификува експлозијата како „голем инцидент” во кој „комплетно се уништени мини-маркет и куќа“.

Весникот „Дејли Мејл“ информира дека при експлозијата била уништена куќа, на чиј прв кат се наоѓала продавница, а на останатите станови.

Сподели: