ЕЛЕМ Енергетика од утре ќе испорачува топлинска енергија

Сподели

ЕЛЕМ утре ќе почне со испорака на топлинска енергија за потрошувачите приклучени на мрежата на „ЕЛЕМ – Енергетика“.

„Парно греење ќе добијат 3.546 домаќинства, 17 основни и средни училишта и детски градинки и 75 деловни субјекти во скопските населбите Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром“, се вели во соопштението на ЕЛЕМ.

– Согласно Правилникот за снабдување со топлинска енергија испораката може да почне и пред 15 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени, според официјалните податоци од Управата за хидрометеоролошки работи. Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред 15 октомври ја носи Регулаторната комисија за енергетика, велат од ЕЛЕМ.

Со почетокот на грејната сезона, потрошувачите ќе може да ги добијат сите потребни информации во канцеларијата за односи со јавноста, лоцирана во управната зграда на „ЕЛЕМ –  Енергетика“, а за дефекти или рекламации, може да ги користат телефонски броеви 3104-816 и 3104-872.