Тошковски: Намален бројот на убиства и разбојништва во споредба со лани

Сподели:

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостувањето во централниот Дневник на Македонската радио телевизија, говореше за актуелната безбедносна состојба, истрагата за убиството во Чаир и движењето на криминалитетот во првите осум месеци од годинава.

Во однос на убиството во Чаир, министерот информираше дека истрагата сè уште е во тек и дека се расчистуваат околностите поврзани со еден од двајцата осомничени, вклучително и прашањето зошто лицето било на слобода во моментот на извршување на делото. Тој посочи дека во оваа фаза не може да изнесува дополнителни детали за истрагата и изрази очекување дека осомничените наскоро ќе бидат лишени од слобода. Тој потсети дека и во претходни случаи на најтешки кривични дела осомничените биле обезбедени и против нив биле преземени соодветни мерки.

Одговарајќи на прашањето дали граѓаните се безбедни, министерот нагласи дека безбедносната состојба треба да се оценува врз основа на конкретни податоци и споредби, а не само преку поединечни настани.

„Прашањето дали македонските граѓани се безбедни е легитимно. Слободно можам да кажам да, но сепак станува збор за едно комплексно прашање. Истото не би можеле да го толкуваме надвор од она коешто би требало да бидат бројки, статистика и реалност“, истакна Тошковски.Бро јот на убиства е намален од 19 на 12, односно за околу 37 проценти. Бројот на регистрирани сторители е намален од 26 на 13, додека бројот на жртви е намален од 20 на 12, што претставува намалување од околу 40 проценти. Особено изразено намалување, од приближно 65 проценти, е регистрирано кај обидите за убиство. Разбојништвата се намалени за околу 40 проценти, а тешките кражби за приближно 30 проценти во споредба со истиот период во 2025 година.

„Слободно можам да оценам дека имаме намалување на бројот на кривични дела од овој тип на насилен криминалитет. Кога би говореле за разбојништва, имаме намалување за околу 40 проценти, а кога би говореле за тешки кражби, имаме намалување за околу 30 проценти“, посочи министерот.

Тошковски оцени дека овие показатели упатуваат на подобрување на безбедносната состојба во делот на насилниот и имотниот криминалитет, но нагласи дека постојат и категории кривични дела кај кои е регистриран пораст.

Една од нив е семејното насилство. Министерот посочи дека зголемениот број регистрирани случаи, според неговата процена, е поврзан и со поголемата охрабреност на граѓаните да го пријавуваат овој вид насилство. Во таа насока, го истакна променетиот пристап во постапувањето, наведувајќи дека во Скопје е обезбедена достапност на дежурен судија кој може веднаш да постапува по барањата на Министерството за внатрешни работи.

Втората категорија со значителен пораст е кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“. Според министерот, во првите осум месеци од годинава се регистрирани околу 2.200 вакви кривични дела, што е приближно седум пати повеќе во споредба со истиот период минатата година. Тој објасни дека зголемувањето е поврзано со измените на Кривичниот законик, како и со примената на системот „Безбеден град“, кој овозможува поефикасно откривање на ваквите дела.

Министерот нагласи дека при оценувањето на криминалитетот, покрај статистичките показатели, неопходно е да се земат предвид и промените во законската рамка и начинот на откривање и регистрирање на кривичните дела.

Сподели: