Вести Македонија

ЕУ ЕКСПЕРТИ: ПОПЛАВЕНИТЕ ПОДРАЧЈА НЕ СЕ ВО ЦЕЛОСТ БЕЗБЕДНИ ОД МОЖНИ НОВИ ПОПЛАВИ

eu-eksperti-1

” –  Се уште има потреба од чистење на калта и шутот во поплавените места”- оцени холандскиот експерт за води Питер Глерум, кој го предводи тимот на ЕУ за проценка на штетите од поплавата.

Глерум вели дека ќе бидат потребни уште три до четири недели за да се исчистат регионите, но дека во оваа фаза невозможно е тоа да се направи со механизација, за тоа е потребна човечка рака.

Според експертот поплавените региони се уште не се целосно безбедни од можни нови поплави.

– Не е безбедно, бидејќи новите врнежи можат да предизвикаат поплави поради тоа што каналите се уште не се исчистени – рече Глерум и порача лицата кои спаѓаат во ранливата категорија засега да не се враќаат во поплавените региони.

Во однос на брзината на реакција за справување со поплавите, Глерум рече дека таа била слична како онаа во останатите земји каде тој вршел проценки.

Раководителот на Одделот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Мартин Клауке, истакна дека во изминатите 18 месеци ова е трета поплава во Македонија и дека минатата година на земјата и биле доделени 10 милиони евра за справување со овие катастрофи. Тој истакна дека е неопхпдно да се направат структурни промени за справување со поплавите и дека новата проценка ќе биде направена во координација со Светската банка и Обединетите нации.

– Врз основа на проценката ќе се оцени како да се справи со среднорочните и долгорочните последици од поплавата – рече Клауке.

Тој истакна дека потребно да се имплементираат системи за рано предупредување како и да се спроведат инструкциите од Европската Унија за справување со поплавите.

На новинарско прашање како го коментираат тоа што Владата бара финансиска и хуманитарна помош од амбасадите во земјата, а најавува градење забавен парк и нови барокни фасади, претставниците на ЕУ рекоа дека нема да ги коментираат приоритетите на владата.

Во однос на износот што ЕУ го издвои за поплавените, Клауке рече дека ова е првична помош, која е наменета за Црвениот крст за итно справување со кризата. Тој истакна дека благодарение на ЕУ, досега се обезбедени околу два милиони евра и тоа од земјите членки на Унијата и оти по проценката, ако е потребно ќе бидат доделени дополнителни средства.

Сподели: