ЕВН Македонија избрана за Универзален снабдувач со електрична енергија

Сподели

Конзорциумот составен од ЕВН Македонија и ЕВН електроснабдување е избран за најдобар понудувач на електронската аукција за јавно поддавање за избор за универзален снабдувач со електрична енергија што се одржа утрово. На аукцијата учествуваше и ЕЛЕМ трејд ДООЕЛ Скопје.

Претседателот на Комисијата за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач, академик Глигор Каневче, информираше дека ЕВН понудиле најниска маржа, односно процент на профитна маргина од 11,5 проценти.

-Комисијата официјално до Владата ќе достави извештај за спроведената постапка со предлог одлука за избор на најповолна понуда и се надеваме дека на првата наредна владина седница ќе биде донесена одлуката за избор, по што најповолниот понудувач ќе биде поканет да склучи договор за универзален снабдувач со електрична енергија – рече Каневче.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев нагласи дека со универзалниот снабдувач како механизам се штити интересот на граѓаните и се обезбедува домашно произведената електрична енергија да стигне кај нив по најповолни цени и услови и на тој начин да се заштитат од ценовните шокови.

– Со овој чекор на либерализација се завршува едно поглавје и од една страна се заштитуваат граѓаните, но од друга страна се либерализира пазарот за малите компании кои сега имаат пристап на слободниот пазар и треба да очекуваат пониска цена на електричната енергија од таа што ја имаа досега – посочи Анѓушев.

Во одговор на новинарско прашање вицепремиерот потенцира дека досега начинот на пресметка на маржата на ЕВН на некој начин беше монополски, бидејќи Регулаторната комисија за енергетика ги прифаќаше сите трошоци за оперативното работење на компанијата и даваше маргина над тие трошоци.

Тој посочи дека очекува да нема покачување на цената на струјата и по 1 јули кога Регулаторната комисија за енергетика треба да ја утврди новата цена на електричната енергија што ќе важи за универзалниот снабдувач.