ЕК: Лидерите да се однесуваат одговорно, да ја зголемат довербата на граѓаните во државните институции и во политичките процеси

Сподели

Локалните избори во Македонија им даваат чист мандат на новите градоначалници и советници за тоа како граѓаните сакаат да изгледаат локалните власти во нивните општини, оцени портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.

Според неа, акцентот сега треба да се стави на придвижување на реформската агенда насочена кон ЕУ преку инклузивен процес, во интерес на сите граѓани.

– Изборите беа набљудувани од Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, која во својата првична изјава оцени дека двата круга беа одржани во атмосфера на нaтпревар преку почитување на основните слободи, иако беа забележани одредени слабости. Сите чинители во државава треба да ги спроведат препораките од набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР, со што ќе им се овозможи на државните институции да ги зајакнат своите капацитети пред следниот изборен циклус. За оваа цел Европската Унија е подготвена да понуди поддршка – вели Коцијанчич.

Забелешките и жалбите од учесниците во изборите, според Коцијанчич, треба да се насочат кон релевантните државни институции, во согласност со установените процедури и во рамките на законските рокови.

– Важно е сите лидери да се однесуваат одговорно, за да ја зголемат довербата на граѓаните во државните институции и во политичките процеси – додава Коцијанчич.