Вести

ЕВРОПСКИ ПАРЛАМЕНТ: Очекуваме од Македонија транспарентна транзиција на власта и попис

Сподели:

Со 54 гласoви „за“ и со 8 „против“, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска ја усвои предлог-резолуцијата за напредокот на Република Македонија во европските интеграции во 2016 година, јавува МИА.

Европратениците претходно усогласија 28 компромисни амандмани и денеска сите ги усвоија, а во нив се содржани и термини „Македонија“, „македонски“, но, исто така, и предвидување дека македонската држава ќе добие нова влада, па се бара „транспарентна транзиција“.

Прифатен е и амандман со кој европратениците очекуваат „формирање на нова, стабилна и одговорна влада и транспарентна транзиција, во согласност со уставните и со законските барања и постапки“.

Европарламентот е „загрижен за сигналите што доаѓаат од граѓанските организации, а кои се однесуваат на влошување на климата во која тие работат и останува загрижен за радикалните јавни напади на граѓанските организации и странски претставници од страна на политичарите и медиумите“, се вели во предлог-резолуцијата.

ЕП ја признава и ја охрабрува важната улога на граѓанските организации за мониторинг, поддршка и унапредување на демократските процеси, вклучувајќи го и изборниот процес, како и обезбедувањето на проверка и рамнотежа, се вели во текстот на предлог-резолуцијата.

Отворањето на пристапните преговори за Македонија со ЕУ, наместо „безусловно“, како што се бараше претходно, сега се условува со компромисен амандман на Резолуцијата, во кој се вели: „Отворањето на преговорите за членство треба да се гарантира по исполнувањето на потребните услови“.

Резолуциите на Европскиот парламент немаат правно дејство, туку се само советодавни и може, но не мора да се земат предвид од другите институции и од членките на ЕУ.

Сподели: