Фараж си поднесе оставка – ја постигнал целта

Сподели

Nigel_Farage_Ukip_elections_Westminster-380402

Претседателот на британската антиевропска Партија на независноста на Обединетото Кралство (УКИП), Најџел Фараж, поднесе оставка со образложение дека ја постигнал својата цел.

– Со изгласувањето на Брексит на референдумот и заминувањето на Британија од ЕУ, ги постигнав целите на својата политичка работа – изјави Фараж, додавајќи дека не било лесно да се раководи со УКИП, но оти трудот вредел.

Фараж, кој беше главен поборник за излез на Британија од ЕУ, сепак не планира да се откаже од својот мандат во Европскиот парламент, туку ќе остане на истата позиција сè до формалното излегување на Британија од ЕУ.

Британските медиуми јавуваат дека единствениот пратеник на УКИП во британскиот парламент, Даглас Карсвел, на социјалната мрежа „Твитер“ изрази задоволство од оставката на партискиот лидер.

Фараж осум години беше на чело на партијата. Тој минатата година на парламентарните избори во Велика Британија доживеа фијаско, откако не успеа да освои пратеничко место во својата изборна единица. Неговата партија во парламентот е застапена само од еден пратеник, поранешниот конзервативец Карсвел. Иако по изборите поднесе оставка, еден ден по нејзиното поднесување се премисли и ја повлече.

meta.mk