Вести Колумна Македонија Текстови Ударни вести

ФАТАЛНА ГРЕШКА! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

“Државниците се исто како и хирурзите, оти секоја нивна грешка лесно може да стане фатална”, – вели еден светски државник.

Странците ги симнаa ракавиците! „Премногу граѓани чувствуваат дека не можат да напредуваат во оваа земја.

Мерсел Биљали

Тие длабоко чувствуваат дека не живеат во систем со којшто владее принципот на еднаквост и правичност. Овој нееднаков систем е присутен во секоја област на општеството. Тоа ја попречува можноста да се отпочне со бизнис, да се добие соодветна здравствена заштита, ги држи младите од Северна Македонија да заостануват зад нивните врсници во образованието. Едноставно кажано, корупцијата ја труе иднината на Северна Македонија“ – ни порача Ерик Мејер, заменик амбасадор на САД во Скопје.

Поракатa е директна, јасна и остра! Светските влијателни држави, 33 години се уморија праќајќи ни конструктивни и меки дипломатски пораки, кои ние ги читавме наопаку. САД, кои директно ја создадоа оваа држава и доста вложија во неа, конечно сфатија дека диломатските пораки едноставно не се разбирливи тука! Дури врне таленти сме во нивните искривувања! Па сега тие се одлучија на пораки „без пардон“. Странците ни укажуваат дека со ваква доза на манипулација, партизација, корупција, фаворизирање на незнаење, дури и САД би се распаднала.

Ние сме на пат да пропаднеме во целост, a веќе половично сме пропаднати од самиот факт што половината од население неповратно исчезна. За 30 години дружење со злото, веќе сме преполовени, со тенденција тотално да исчезнеме. Но, ова не е аргумент со резон кој ќе ги одврати болните умови на злото, да не продолжат со истото. Тие немаат ниту свест ниту совест. Кај нив функционира само ставот, што вообичаено функционира кај сите нечесни.

Нема понеморална корупција од тоа да од парите на граѓаните, долги години на работа се примаат или се унапредуваат само партиски луѓе, на кои партиската послушност им служи како замена за знаење. Нема повисока корупција од назначени судии и обвинители, кои во нормални услови не би можеле да бидат ни судски доставувачи во тие институции. Да не зборуваме за други институции кај што квалитетот е непожелен! Тие што не се партиски луѓе, немат право да се надеваат на живот.

Политичката корупција поттикнува големи социјални разлики, а оттука и масовно исселување. Таа го уништува средниот слој и доведува до заробена држава. Кога една мала група луѓе, незаслужено добива финансиска и политичка моќ, сѐ се распаѓа. Зголемувањето на политичката корупција, мешањето на политички и приватни интереси сѐ повеќе го попречува ефективното функционирање на институциите. Тогаш исходот е – заробена држава.

 

 Што треба да се прави?!

Аждајата треба да се удри по главата. Кога во раните 90 години се бараше директна странска мешаност во образованието и фукнционирањето на институциите, бројни медиуми потплатени од криминални структури, нѐ  дочекаа на нож, дека бараме „протекторат“. Е па сега уживајте во смешната празна „сувереност“! Истите тие центри сега ги обвинуваат странците дека „толерираат“ корупција!

Штом нема страв, ќе го снема и лозјето! Албанската СПАК (Специјална антикорупциска структура), која има улога на главно обвинителство против корупција и организиран криминал (која има директна конекција со САД), сега сее страв кај тамошните корумпирани бивши и сегашни високи ешалони. Досега во притвор или затвор се ставени над 30 високи функционери (министри, пратеници и други високи функционери). И се насетува некаков ред.

А каде е чарето!? Чарето е во тоа што го правиме ама во спортивна насока. Жан Моне е човекот кого со право го викаат „Таткото на Европа“, лично ги доживеал двата светски ужаси, за да констатира дека соработката, мирот и владеењето на правото се лекот. Се покажа за многу успешен неговиот проект – соработка место војни; разбирање место поделби; почитување место омраза; развој наместо сиромаштија. А нам сега, манипулацијата и сомнежот кон сѐ и сешто, ни стана национална гордост!

Сегашната геополитика воопшто не ни е склона за партиски игри. ЕУ е видно ослабнета поради енергетската криза, а САД е зафатена со Украина. Ако таму драстично се влоши состојбата, Балканот ќе остане во немилост. Тогаш не ни бега законот на џунглата. Тука нашите американски спасители, кои најдиректно ја спасија Македонија во 1991 и во 2001 година, можно е да бидат зафатени со многу посложни спасувања отколку нас од сопствените глупости! Тогаш државата можно е да наликува на ранета срна во дивината! И пеколот е помалку опасен. Зголемувањето на цените и сиромаштија се најголемата грижа за 93 отсто од Европејците, покажа најновото истражување на „Евробарометар“ на Европскиот парламент. При такви состојби лесно можеме да останеме без заштита. А нам со заробен ум, ненормалноста ни стана вродедена маана.

Политичка партија која 17 години беше власт и уште претендира, во афект потпишува меници. И тоа со смешен аргумент дека да чинел Францускиот прелог „ќе имало зурли и тапани“! Па оттука внесувањето на Бугарите во Уставот ќе бил „национална катастрофа“! А возовите на сите околни држави што беа зад нас, не стасаа, не претекнаа и си заминаа. А ние од инает остануваме паркирани во некој спореден колосек полн со трева, гордо плачеме за тоа колку светот е неправеден кон нас! Шашаво ама ете функционира!

Токму поради таквата „гордост“ државата ни остана последна во регионот. А беше втора, веднаш до Словенија, меѓу 16 држави од источна и југоисточна Европа. Далеку и од Полска, Чешка и Унгарија, а од Бугарија со светлосни години! Но, додека нашиот ум високо леташе на небото, реалноста длабоко не закопа во земјата. И сеуште умот не ни доаѓа! Или пак некој јава Тројански коњ!

Бугарите на клоци?!

Со кое право ние газиме по едно етничко малцинство, кои се граѓани на нашата држава, како сите други (а сосема случајно се Бугари), само поради инает на глупата службена политика на Бугарија?! А тоа маркетиншки делумно исплатливо, но нѐ става во положба на најпримитивни држави на светот. Прво, таа од 2007 годиина е полноправна членка на ЕУ, а во 1990 беше дваесет години зад нас. И кој ни е винавен што ние си го трошевме времето по трнлив пат, додека другите возеа по отворен пат?! Второ, ако една држава ги прекршува стандардите не ЕУ (дури како членка), дали е тоа аргумент и ние истото да го правиме?! И трето, нели е понормално прво да станеме рамноправна членка на ЕУ, па тогаш рамноправно да се нафатиме за сите проблеми, оти и ние тогаш ќе се стекнеме со право на вето? Или цело време ќе се вртиме во круг како мачката по својата опашка! Тогаш од таа позиција ќе побараме од Бугарија да ги почитува одлуките на Судот за човекови права! Навидум аргументот е логичен во увото на просечниот граѓанин.

Тоа добро го знаат и тие што тажно манипулираат со чувствата на луѓето. Секогаш кога преправени националисти ја „бранеа“ државата, таа токму тогаш била најмногу загрозена. Што повеќе ја „бранеа“ тоа помалку ја имаше! Многу е лесно – егоизмот, безидејноста и кукавичлукот да се спакуваат во евтина „патриотска“ амбалажа, за потоа со национален жиг да ги продадете за „национа гордост“! Од таквата гордост државата често завршуваше на респиратор. А моралниот код, подобро да те тепа вистината отколку да те бакне лагата, одамно не живее во свеста на распродавачите не патриотизмот.

Скриена агенда?

Тука, оправдано се стравува дека зад се ова стои скриена агенда, државата да се пренасочи кон другите алтернативи, кои се погубни. Тоа не го прави ниту Србија која е многу посилна од нас. Да се потсетиме дека и една Србија гласаше за трите резолуции на ОН за осуда на рускиот напад над Украина. Вучиќ добро знае дека Русија не може да си се брани себеси, а ниту во сон Србија. Дури се подготвува за договор со Косово! Е па сепак е некаков лидер, за разлика од некои наши кои не знаат што бараат во политиката. Освен ако знаат! Добриот лидер не ја следи толпата, туку прави толпата да го следи него. Познато е дека ниту стадото не сака за пастир овца!  Херпдот вели дека мирот е доба во која синовите ги погребуваат своите татковци, војната е доба во која татковците ги закопуваат своите синови“!

 

Сподели: