ФБ статуси: Манчевски, Царовска и Забрчанец одат во самоизолација

Сподели

 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска и советникот за односи со јавност на претседателот на Владата, Марјан Забрчанец се во домашна изолација поради тоа што имале контакт со потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири.

Тие на своите фејсбук профили информираа дека по препорака на епидемиолозите ќе бидат во самоизолација.

– Согласно препораките на епидемиолозите, поради средбата со мојот другар и колега Мухамед Зекири, во наредните девет дена ќе бидам во самоизолација. На средбата беа применувани здравствените протоколи, но сепак препораките на здравствените експерти се најважни и мора да ги почитуваме. На Муки и семејството им пожелувам брзо закрепнување. На сите други Ви посакувам добро здравје, напиша министерот Манчевски.

 

 

 

И вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска од денеска е во задолжителна самоизолација бидејќи минатата недела имала состанок со потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири.

Царовска на својот Фејсбук профил утрово напиша дека веќе направила тест кој е негативен и оти засега нема никакви симптоми, но оти согласно епидемиолошката анкета задолжително ќе остане во самоизолација до 9 јуни.

– Ја информирам јавноста дека од денес сум во задолжителна самоизолација, откако вчера колегата Мухамед Зекири е позитивен на Ковид-19. Во текот на минатата недела имавме заеднички состанок на кој сите бевме со заштитна опрема и на препорачаната дистанца. Сепак, согласно епидемиолошката анкета задолжително ќе останам во самоизолација до 9 јуни. Во текот вчерашниот ден направив и тест кој е негативен. Засега немам никакви симптоми и се чуствувам добро. Сите мои работни обврски продолжувам да ги извршувам непречено од дома. На семејството Зекири му посакувам брзо и успешно оздравување и закрепнување, како и на сите останати граѓани кои се борат со коронавирусот, напиша Царовска.

 

 

И Забрчанец информираше дека е во домашна самоизолација поради тоа што во четвртокот попладне бил на состанок со Зекири. На состанокот, како што пишува, биле применети препораките за физичко растојание, носење заштитна маска и употреба на дезинфекционо средство пред и по состанокот.

 

 

–  Секако, заради избегнување и најмал ризик, ќе ја спроведам препорачаната самоизолација. Немам никакви симптоми, а ќе се тестирам во текот на неделата. На Мухамед и семејството им посакувам брзо оздравување. Сите да ги почитуваме доследно мерките и препораките на епидемилозите и на тој начин да се заштитиме самите себе и сите околу нас, напиша Забрчанец на Фејсбук.

Потпретседателот и пратеник на СДСМ Мухамед Зекири вчера соопшти дека тој и неговото семејство се позитивни на КОВИД 19 и апелираше до сите да ги почитуваат здравствените препораки.