Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 39 стипендии на студенти

Сподели

Вкупно 39 студенти годинава станаа стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.  Од нив 21 студент од Медицинскиот факултет и 18 од Фармацевтскиот факултет ќе ја користат стипендијата за учебната 2017/2018 година. Стипендијата изнесува 6500 денари, а студентите ќе ја примаат во текот на целата година.

На 10 годишнината од основањето на Фондацијата традиционално беа доделени наградите и за најдобри студенти. Тоа се Александра Зафировска и Душко Шалабалија од Фармацевтскиот факултет, со просек 9,75 и Невенка Ридова од Медицинскиот факултет со просек 9, 76.

„Алкалоид АД“ е општествено одговорна компанија и се грижи за развојот и иднината на младите и амбициозни кадри. Од основањето до сега Фондацијата „Трајче Мукаетов “ досега има доделено 418 стипендии, 150 на Факултетот за Фармација и 129 на Медицинскиот факултет“, изјави Живко Мукаетов генерален директор на „Алкалоид АД“.

Оваа домашна најдобро рангирана  компанија секогаш помагала на студентите, на специјализантите да се усовршуваат, за конгреси, работилници.

“Трајче Мукаетов имаше чувство за млади и надежни студенти, а Живко Мукаетов ја реализира оваа хумана мисија“, изјави Никола Јанкуловски ректор на УКИМ.

Изборот на студентите е направен според економскиот статус и просечниот успех. Деканот на Фармацевтскиот факултет изјави дека ова можност повеќе и за вработување на младите кадри бидејќи 69 од стипендистите досега се вработиле во „Алкалоид  АД“.

„За студентите ова е една надеж повеќе да бидат дел од оваа компанија по дипломирањето“, изјави Светлана Кулеванова декан на Фармацевтскиот факултет.

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е основана во чест на Трајче Мукаетов  кој на чело на компанијата застана во 1985 година, а во време на неговото раководење “Алкалоид” стана водечка во фармацевтската индустрија во регионот.