Франција: Комеморација за жртвите од терористичките напади во 2015 година

Сподели

Денес, во придружба на француските лидери и официјални претставници, претседателот Емануел Макрон во знак на сеќавање на 130 жртви, ги посети местата на нападите во Париз, извршени на 13 ноември 2015 година, јавува Anadolu Agency (AA).

Пред две години, терористите поврзани со ДЕАШ изведоа напади во коишто загинаа и беа повредени стотици луѓе во координирани сериски вооружени и бомбашки напади на кафулиња, ресторани и на концертната сала „Баткалан“ и „Стад де Франс“.

По повод одбележувањето на втората годишнина од нападите, Макрон и градоначалничката на Париз, Ан Хидалго, ги посетија местата на нападите – почнувајќи од „Стад де Франс“, а завршувајќи на местото каде што се наоѓа концертната сала „Батаклан“ – каде што со едноминутно молчење и со читање на имињата на загинатите им беше оддадена почит на жртвите од нападите.

Францускиот претседател се сретна и со семејствата на загинатите, но и со преживеаните лица.

Деветмина од идентификуваните напаѓачи и четворицата клучни соучесници се мртви, а осуммина осомничени се наоѓаат во притвор во Франција и на други места, меѓу кои и петмина во Белгија.

Единствениот преживеан осомничен, францускиот државјанин роден во Белгија, Салах Абдеслам, беше уапсен во Брисел во март 2016 година и екстрадиран во Франција, каде што се наоѓа под 24-часовен надзор во најголемиот затвор јужно од Париз.

Абдеслам, кој од своето апсење одбива да им ја објасни на истражителите неговата улога во нападите, ќе биде изведен пред суд следниот месец во Белгија, за обид за убиство на полицајци повредени во пукање, три дена пред да биде приведен во бриселската населба Моленбек.

Апелациониот суд во Париз допрва треба да одлучи дали Абдеслам може привремено да биде префрлен во Брисел за да му се суди. Датумот за негово судење во Франција допрва треба да се одреди.

Главниот обвинител на Париз, Франсоа Молинс, во петокот изјави дека покрај 13-темина загинати напаѓачи, идентификувани се и 15 осомничени лица во Франција, Белгија и во Турција.

Во октомври, француските истражни судии оценија дека истрагата за нападите во Париз може да се затвори во 2019 година.

Франција од нападите останува на ниво на висока претпазливост и беше цел на неколку други терористички напади во текот на последните две години, и покрај вонредната состојба којашто беше продолжена неколкупати.

Вонредната состојба заврши на 1 ноември и беше заменета со нов Закон за борба против тероризмот, широко критикуван од групите за човекови права.