Франција: По изборите со рекордно низок одѕив, алијансата на Макрон сериозно загрозена од левицата

Сподели

 

По вчерашниот прв круг на парламентарни избори во Франција, што го одбележа рекорно нискиот одѕив на граѓаните, центристичката алијанса на францускиот претседател Емануел Макрон е сериозно загрозена од левичарската коалиција предводена од Жан-Лик Меленшон, извести Би-Би-Си.

Лево-зелената алијанса на Меленшон речиси се изедначи со владејачката партија, и Макрон би требало да стравува дали во вториот круг на парламентарните избори што ќе се одржат следната недела ќе успее да освои 289 пратенички мандати за да го задржи водството во Националното собрание.

„Ансамбле“ освои 25,75 отсто од гласовите, што е само малку повеќе од 25,66 отсто гласови за левицата.

Одѕивот вчера беше историско низок – 47,5 отсто, што е рекорд во поновата историја на парламентарните избори во Франција. Денот беше сончев, температурата во Париз изнесуваше 27 Целзиусови степени, поради што многу гласачи очигледно избраа да уживаат во сончевото време. Сепак, тоа не беше пресудно, оти изборната кампања мина без некоја поголема живост, пишува Би-Би-Си.

Само половина час откако беа презентирани првите проекции вчера, Меленшон објави дека неговата алијанса е во водство.

„Вистината на крајот на првиот круг е дека претседателската партија е истепана и поразена“, рече Жан-Лик Меленшон, повикувајќи ги гласачите следната недела да излезат на гласање за дефинитивно да ги отфрлат „поразителните политики на мнозинството на г-дин Макрон“.

Центристот Макрон го освои вториот претседателски мандат во април, но без мнозинство во парламентот ќе има проблеми да ги „протурка“ реформите. Планира возраста за пензионирање да ја зголеми од 62 години старост нна 65 години, додека Меленшон ветува дека ќе ја намали на 60 години.

Покрај микроскопски тесната разлика во гласовите освоени вчера, проекциите во Франција се дека „Ансамбле“ на Макрон сепак ќе доминира во Националното собрание, пишува Би-Би-Си. Според агенцијата „Ифоп“, која направи проекции за националната телевизија ТФ1, Ансамбле би освоила 275 до 305 пратенички места, а зелено-левата алијанса 175 до 205. Агенцијата „Ипсос“ пак прогнозира дека алијансата на Макрон ќе освои 255 до 295 пратеници, а левицата 150-190.

Меленшон водеше динамична кампања, откако на претседателските избори пред два месеца, заврши трет во трката за претседателската функција. Тој направи алијанса наречена „Нипе“, составена од неговата крајно лева партија „Франција пркосна“, социјалистите, комунистите и зелените. Покрај намалувањето на возрасниот праг за пензионирање, тој ветува и „смрзнување“ на цените на 100 основни продукти или услуги и создавање милион работни места.

Макрон по освојувањето на вториот мандат се ангажираше со конституирањето на владата водена од Елизабет Борн, во време кога во Франција расте инфлацијата и се зголемуваат трошоците на живот./Мета.мк