Француските пратеници на средба со пратениците Адеми, Николоски и Коциќ

Сподели

 

Делегацијата на Пратеничката група за пријателство при Собранието на Француската Република, предводена од Лилиана Танги, која престојува во тридневна посета во земјава оствари заедничка средба со претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, со претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Александар Николоски, како и со Ненад Коциќ, прв потпретседател на Секцијата на Франкофонијата на Собранието на РС Македонија.

Акцентот на средбата беше ставен  на актуелната ситуација во врска со евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, при што Адеми истакна дека скринингот со ЕК се одвива на задоволително ниво од експертски, технички аспект, а нашите луѓе се на висина на задачата. Тој додаде дека нема отстапување од тоа што е зацртано во преговарачката рамка, односно со комплетирање на уставните измени да се почне отворањето на првото поглавје.

 

 

Адеми го истакна значењето на т.н. француски предлог, пред една година, кога земјата претседаваше со ЕУ, за, како што рече, продолжување на македонскиот сон за членство во ЕУ.

Најголемиот предизвик, со кој сега се соочуваме, рече претседателот на КЕП, се уставните измени, за што, посочи, различните партии во Собранието на РСМ имаат различни ставови. Но, како што наведе, и покрај разликите, на сите им е заедничка целта за влез во Унијата.

„Северна Македонија останува посветена на спроведување на неопходните реформи. Како Собрание, континуирано работиме на агендата за евроинтеграции со цел да испорачаме конкретни мерки за исполнување на европските аспирации на граѓаните и подготвени сме за сите следни чекори што ја очекуваат Северна Македонија на патот кон полноправно членство во Европската Унијата. Нема отстапување од тоа што е зацртано во преговарачката рамка, односно со комплетирањето на уставните измени да се отвори првото поглавје“, рече Адеми.

Пратеникот Коциќ рече дека Француската Република е еден од нашите најзначајни  партнери кон нашиот многу долг и тежок пат за полноправно членство во Европската Унија.

„Земјите од Западниот Балкан остануваат неприсоединети во ЕУ. Тој процес премногу се одолжи и создава фрустрации кај сите нас. Денес е поважно од било кога да се промовираат вредностите на демократското владеење. Тие што промовираат конфликт треба да направиме да не успеат, бидејќи сме мал регион каде што културите и традициите се целосно испреплетени и има реални можности да се креира позитивна енергија. Балканот има да понуди многу, тој подава  рака на пријателство кон соседите и сојузниците. Верувам дека  нашите конфликти ќе станат наши лекции и нема да се повторуваат“, нагласи Коциќ.

Тој рече дека земјите од Балканот се исправени пред предизвици кои бараат ангажираност во национална, регионална и меѓународна смисла и мора заедно да работиме да изградиме регион каде ќе надвладее климата на соработка и безбедност.

Француските пратеници, главно, изразија поддршка за понатамошниот процес на интеграција на Северна Македонија во ЕУ и за отворање на првото поглавје од преговорите. Пратеничката Танги рече дека сега не е веќе прашање дали треба да се проширува Унијата, туку како да се изведе проширувањето, односно како да се забрза приемот на земјите кандидати.

 

Пратеникот Бертран Сор оцени дека и на ЕУ и се потребни земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Северна Македонија и нагласи дека  тоа ќе значи зајакнување на Унијата.

На средбата присуствуваше и амбасадорот на Француската Република во Скопје, Сирил Бомгартнер, кој истакна дека главната одговорност за продолжувањето на  процесот на пристапување на земјата кон ЕУ е кај политичките актери во Северна Македонија, односно дека пред се одговорноста е кај Собратнието. Ние, истакна амбасадорот, со големо внимание ќе го следиме тој процес.