Став

ФРОДЕМ: ГО ПОВИКУВАМЕ РЕЖИМОТ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ПОД ШИНЕЛОТ НА ОПАСНАТА КОЛЕКТИВНА НЕОДГОВОРНОСТ

Сподели:

frodem-860x678

Основно за секоја власт е да биде отчетна и одговорна. Тоа значи дека мандатот кој е добиен од граѓаните не е бланко, туку дека секојдневно треба да се потврдува. Отсуството на отчетноста значи непочитување на уставниот поредок. Уставот го задолжил Собранието да бара отчет од функционерите во извршната власт. Слаба законодавна власт значи отсуство на индивидуална  одговорност и поттикнување на јавашлак.

Во македонската плуралистичка историја само еднаш се случи доблесен чин на поднесување неотповиклива оставка (Антонио Пешевски), како морален чин на прифаќање на т.н. објективна одговорност. Во два други наврати имавме тактички министерски оставки, кои беа поднесени иако однапред се знаеше дека нема да бидат прифатени!? Првата на поранешниот министер за внатрешни работи во врска со атентатот на претседателот Глигоров, втората во врска со потонувањето на преполнетиот брод во Охридското езеро на сега осомничениот по многу основи Јанакиевски.

Актуелниот режим, во своето долго владеење, создаде квази-систем на неприфаќање одговорност односно систем на неодговорност. Оваа противуставност за основа го има ирационалното равенство дека грешката на било кој функционер значи грешка на вождот односно на врхушката на режимот. Овој апсурден приод стана грда реалност затоа што тој (вождот) постојано се мешаше и се уште се меша во секоја надлежност (и одговорност) на секој функционер. Ова лажно единство на колективна (и коалициона) ко-одговорност постои само во тоталитарни режими или во мафијашки злосторнички здружувања.

ФРОДЕМ смета дека треба да се реституира уставниот поредок и секој функционер кој има објективна или субјективна грешка треба да се соочи со одговорноста. Никој не е роден со фотеља, ниту е непогрешлив. Не треба да се дозволи неспособни министри, директори и градоначници да се кријат зад колективната одговорност. Во нормални, непопулистички околности, одговорноста на еден функционер не треба да е непосредно поврзана со раководството на државата. Ниту пак е политички коректно за секоја индивидуална грешка јавноста и опозицијата да се товари највисокиот државен врв.

Во изминатите неколку дена експертите ги искристализираа човечкие причини за големата елементарна непогода која однесе 22 животи, над стотина повредени и направи голема материјална штета. ФРОДЕМ во целост ги поддржува заклучоците и ставовите на експертите од кои јасно стана дека лошо или не докрај изведениот проект на заобиколицата, непрочистените канали за кои е платено прочистување,  бесправното сечење на шумата на Скопска Црна Гора, но пред се човечкиот фактор односно непрофесионалноста на раководните екипи во УХМР, ЦУК,  Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП „Македонија пат“, МВР, неодговорните градоначалници на Град Скопје, општина Гази Баба, министерите за земјоделие и шумарство, за заштита на животна средина и просторно планирање и министерот за транспорт и врски, се главните виновници и причина за оваа досега невидена трагедија.

Колективниот пристап кон одговорноста значи неодговорност. Криењето зад колективната неодговорност лесно поттикнува криминогено однесување на морално лабилни и неизживеани министри, градоначачници, директори и други функционери. Во конкретниов случај мора да се побара и утврди конкретна, објективна одговорност на раководни поединци и таа не треба да се генерализира. Ако се процени дека има основ за субјективна политичка, стручна и друг вид на одговорност истата треба да се побара и да се докаже.

ФРОДЕМ ја повикува јавноста но пред се народните пратеници да побараат утврдување на  конкретна одговорност на виновниците за трагедијата, а раководствата на партиите на власт конечно да соберат храброст и да излезат од под шинелот на опасната по нацијата колективната неодговорност.

Сподели: