ФСП: Осуда за провокациите на пратениците од албанските партии

Сподели

„Форумот на слободоумни патриоти најостро го осудува однесувањето и провокациите на пратениците во Собранието на Република Македонија од политичките партии на Македонските Албанци.

Најпрво сакаме да му укажеме на новиот собраниски спикер дека извршува одговорна функција и треба да се однесува согласно Уставот и позитивните законски прописи. За нас несфатлив е неговиот т.н. патриотизам и неговото однесување во Собранието. Господине Џафери како Собраниски спикер треба да покажете мудрост и да се однесувате во насока на смирување на тензиите, а не со вашите потези да ги подгревате истите. Вие сте Претседател на Собранието на Република Македонија и искрено се надеваме дека нема да продолжите со вашите груби провокации, а посебно сакаме да ве предупредиме да не помислувате седниците во Парламентот да ги водите на друг јазик, различен од официјалниот јазик согласно Уставот на Република Македонија, а тоа е Македонскиот јазик.

Исто така, сакаме да им укажеме на пратениците од Беса дека нивното однесување и постапки во Собранието на Република Македонија дополнително ја влошуваат и така тешката состојба. Нема понеодговорна постапка од пеењето на химна на туѓа држава во Македонскиот законодавен дом. Сакаме да им укажеме дека нивните изјави давани по медиуми во последниот период дополнително ја влошуваат и така тешката состојба во државава и се спротивни на Уставот на Република Македонија. Ги повикуваме да проверат во минатото каде завршувале политичките партии кои пробувале на народот да му продаваат лажен патриотизам“ се вели во соопштението на Форумот на слободоумни патриоти.