ФЗО: Болниците да ги проверат резервите на хелиум

Сподели:

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) упати итно предупредување до јавните здравствени установи во Македонија кои располагаат со апарати за магнетна резонанца, да направат проверка на своите резерви на хелиум и навремено да обезбедат дополнителни количини. Причината е можен прекин во снабдувањето на европскиот пазар, како и значителен раст на цените поради актуелните геополитички тензии поврзани со ситуацијата во Иран.

Хелиумот е клучен елемент за функционирање на апаратите за магнетна резонанца и без него уредите не можат да работат, што би можело да доведе до прекин во дијагностичките услуги за пациентите.

Апелот е превентивен и има за цел навреме да се избегнат можни проблеми во функционирањето на здравствениот систем, информира директорот на ФЗО, Сашо Клековски.

ФЗО нагласува дека навременото планирање и набавка се клучни за да се избегнат можни застои во дијагностиката, особено имајќи предвид дека магнетната резонанца е една од најважните и најчесто користени методи за современа медицинска дијагностика.

Сподели: