Вести Македонија Ударни вести

ФЗОМ автоматски ќе ги осигура лицата со ниски примања

Сподели:

Здравственото осигурување на лицата со ниски примања, оние кои во 2017 година оствариле нето-приход под 144.000 денари, автоматски ќе се продолжи, така што, оваа категорија на граѓани нема потреба да се пријавуваат во подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).

„Секоја година во периодот од 1 февруари до 31 март, лицата со ниски примања беа обврзани да дојдат да дадат изјава на шалтерските служби во Фондот, со цел да го продолжат правото на здравствено осигурување кое им го покрива државата преку Министерството за здравство.Оваа година продолжува автоматската пререгистрација и затоа сакаме да ги известиме лицата со ниски примања, кои во минатата година оствариле нето приход под 144.000 денари дека нема потреба да дојдат во подрачната служба на Фондот да се пререгистрираат и нивното здравствено осигурување автоматски ќе се продолжи“, се вели во соопштението на ФЗОМ.

Од таму додаваат дека Фондот автоматски ќе ги пререгистрира и лицата кои последните два месеци оствариле приход помал од 24.000 денари, а се во категоријата на осигуреници кои оствариле приход од 144.000 денари до 204.480 денари минатата година.

„Другите две категории осигуреници кои плаќаат 50 отсто или 100 отсто од здравствениот придонес на просечна плата, ако се во рамките на лимити 144.000 денари до 204.480 денари, исто така не е потребно да дојдат да се пререгистрираат на шалтерите на подрачните служби на Фондот“, додаваат од таму.

На осигурениците на кои автоматски ќе им се продолжи здравственото осигурување, нема да добиваат нови решенија по пошта.

Лицата на кои нема да им се продолжи здравственото осигурување поради повисоки приходи од наведените лимити ќе добијат решение по пошта и ќе треба да дојдат во подрачната служба да го регулираат своето здравствено осигурување.

Сподели: