Гаши-Берсет: Советот на Европа е важен столб на европската демократија

Сподели:

Претседателот на Собранието Африм Гаши, денес оствари средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсет. На средбата беа разгледувани прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на подобрувањето на демократските процеси, владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Овие теми се основни вредности на соработката меѓу Република Северна Македонија и Советот на Европа.

Претседателот Гаши ја потврди посветеноста на Собранието кон демократските стандарди и институционалната стабилност. Тој нагласи дека овие принципи се важни при креирањето на јавните политики на државата. Рече дека Република Северна Македонија останува доверлив и конструктивен партнер. Активно придонесува за зајакнување на демократската култура во регионот на Западен Балкан и е пример за мултиетничка демократија и инклузивно општество.

На средбата, претседателот Гаши ја изрази својата поддршка за иницијативата „Нов демократски пакт за Европа”, како навремен и стратешки одговор на предизвиците со кои се соочуваат современите европски демократии. Претседателот посочи дека овој Пакт е значајна рамка за спречување на демократското назадување и обезбедување подобра заштита од дезинформации, манипулации и надворешни влијанија во општествата. Особено ја истакна важноста на парламентите во имплементацијата на принципите на Пактот. Собранието, како гарант на демократскиот легитимитет, ќе биде активен учесник во овој процес.

Претседателот Гаши исто така го потенцираше значењето на Советот на Европа како важен столб на европската демократија. Во тој контекст, тој ја потврди потребата од координиран и заеднички европски одговор на проблемите со поларизацијата, намалувањето на довербата во институциите и дезинформациите во дигиталниот простор.

На средбата беше потврдено дека европската интеграција останува врвен стратешки приоритет за РС Македонија. Тоа не е само политичка цел, туку и општествена трансформација која подразбира јакнење на владеењето на правото, независноста на институциите и борба против корупцијата. Претседателот Гаши ја нагласи важноста на добрососедските односи и регионалниот дијалог, базиран на меѓусебно почитување и европски вредности, истакнувајќи дека силните и отпорни демократии се најдобра гаранција за мир и просперитет.

Средбата заврши со потврдување на подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Собранието на РС Македонија и Советот на Европа за заеднички да придонесат кон посилна, постабилна и подемократска Европа.

Сподели: