ЕБОР: Инвестирање во образованието и дигиталните вештини

Сподели

 

Процесот на дигитализација бележи голем раст за време на Ковид-19 кризата, бидејќи голем дел од економиите во многу земји работеа онлајн. Овој процес ќе продолжи и ќе остане во главен фокус за формирање на развојот во светот, вклучувајќи ги регионите каде ЕБОР има активности, потврдува Извештајот за Транзиција 2021-2022 ,, Надграба на системот: Испорака на дигиталната дивиденда” , изработен од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Извештајот ги анализира трендовите на 38 земји во кои ЕБОР инвестира, и ги истакнува развојните јазови помеѓу економиите кои напредуваат со развојот на дигиталните сервиси, но и на оние кои заостануваат. Во него се истакнува значењето на надминување на разликите како витална состојка за натамошен развој на економиите.

Презентацијата на Извештајот за транзиција се одржува денес, во Скопје, а настанот беше отворен од Гувернерката на Народна банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска Бежоска.

Анита Ангеловска Бежоска, Гувернер, Народна банка на Република Северна Македонијаистакна: ,, Индексот на дигитализација на ЕБОР ни дава корисни упатства каде политиките ќе треба да се фокусираат. Во случајот со Северна Македонија, јасно е дека напорите треба да бидат насочени кон определување на посоодветна дигитална инфраструктура, но уште повеќе во зголемување на дигиталните вештини. Во однос на последното, како што е назначено во извештајот, значајни напори треба да се вложат во зајакнување на дигиталните обуки од страна на работодавачите и ограничувањето на одлевањето на кадри со дигитални знаења и вештини. Колку се пониски дигиталните вештини, толку потешко ќе ни биде да ги користиме новите технологии и ќе имаме поограничени изгледи за раст, во светот каде се позначајни се дигитално-интензивните сектори.”

Анди Аранитаси, Претставник за Северна Македонија, ЕБОР изјави ,,ЕБОР препознава дека дигиталните решенија можат да резултираат во поефикасна интеракција помеѓу компаниите и владите. Во оваа смисла, го поддржавме воспоставувањето на регионалниот портал за регистрација на бизнисите (BIFIDEX) за Западен Балкан, каде Северна Македонија беше една од првите два основачки члена. Продолжуваме со поддршка на Инспекцискиот совет за дигитализација на сите процеси поврзани со инспекции на бизнисите.”

Извештајот покажува дека Северна Македонија во периодот 2015-2020 година, има едно од најдобрите подобрувања во дигитализацијата во регионот каде ЕБОР има активности, што се води од големите придобивки во е-владините сервиси, регулацијата и подобрена инфраструктура.

 

Жока Кочан, Постар Економист за влијание на транзицијата и глобална економија, ЕБОР, истакна: ,,Покрај значајните подобрувања во изминатите години во различни области, ниското ниво на дигитални вештини во моментов претставуваат клучно ограничување кое ја забавува натамошната дигитализација во Северна Македонија, што е случај и со голем број економии во регионите каде ЕБОР има активности. Инвестициите во образованието и дигиталните вештини ќе станат уште позначајни со тек на времето, бидејќи секторите на дигитализацијата во изминативе години растат особено брзо.”

Извештајот ги анализира и развојот на макроекономските и структурните реформи во земјите каде ЕБОР инвестира. Економистите на ЕБОР истакнаа дека економското опоравување во Северна Македонија започна во 2021 година, и беше водено од зголемена домашна и надворешна побарувачка, како и од фактот дека изгледите за раст годинава се позитивни. Зголемувањето на цените за електрична енергија и храна, пореметувањата во глобалното снабдување во одредени сектори и зголеменото нестабилно надворешно опкружување, го запре напредувањето на растот. Долгорочните изгледи зависат од способноста на земјата да имплементира продуктивност, засилени структуни реформи и да ги искористи главните растечки трендови, како што е дигитализацијата.

Поддршка за дигитализацијата и дигиталните вештини за надградба на малите и средни претпријатија

ЕБОР, во соработка со комерцијалните банки, им нуди на компаниите пристап до финансирање за инвестиции во зелени и дигитални технологии под Кредитната линија за конкурентност на МСП. Покрај кредитите, компниите добиваат и грант до 15 отсто од вредноста на кредитот, со што инвестицијата станува попристапна. До денес, околу една третина од вкупните исплатени средства од оваа кредитна линија, е посветено на проекти од областа на дигитализацијата.

Програмата за советодавни услуги на ЕБОР пружа можност за деловен развој, во соработката со локални и меѓународни експерти, во насока на подобрување на деловните активности во различни области, вклучувајќи ја и дигитализацијата. Во изминативе две години, скоро половина од имплементираните проекти се од сферата на дигитализација, со акцент на зголемување на работната продуктивност, поттикнување на онлајн продажбата и слично. Ова е повеќе промовирано со почетокот на Ковид-19 пандемијата и индицира зголемување на потребата да се инвестира во дигитализација.