Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со украинската амбасадорка во Република Северна Македонија, Лариса Дир. На средбата беше потврдена традиционално добрата и пријателска соработка меѓу двете држави и подготвеноста за нејзино понатамошно продлабочување. Разговорот беше посветен на состојбата во Украина, парламентарната соработка и можностите за натамошно зајакнување на билатералните односи.

Претседателот Гаши ја потврди цврстата и принципиелна поддршка на Република Северна Македонија за Украина, нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет, нагласувајќи дека земјата продолжува да обезбедува политичка, хуманитарна, воена и техничка поддршка за Украина во координација со Европската Унија и евроатлантските партнери.
Тој изрази задоволство од плодната соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Врховната рада на Украина, истакнувајќи дека во изминатите години значително е унапредена соработката како на билатерален, така и на мултилатерален план, вклучително и на највисоко парламентарно ниво.
Во разговорот беше нагласена активната улога на Собранието во Парламентарната димензија на Меѓународната Кримска платформа, при што беше истакнато дека Собранието беше првиот парламент што формираше Парламентарна група за Кримската платформа, која е повторно конституирана и во актуелниот парламентарен состав.
Амбасадорката Лариса Дир се заблагодари за континуираната поддршка што Република Северна Македонија ѝ ја дава на Украина и ја поздрави активната улога на Собранието во јакнењето на меѓупарламентарната соработка и поддршката на иницијативите насочени кон воспоставување мир, безбедност и почитување на меѓународното право. Двајцата соговорници изразија уверување дека успешната соработка меѓу двете земји ќе продолжи да се развива и во наредниот период.


