Вести Македонија

Герасимовски: 3000 пакетчиња за децата и предновогодишна забава на „Боемска 1“

Сподели:

 

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски најави богата предновогодишна програма која ќе се одржи на 29-ти и 30-ти декември на улицата „Боемска 1“ во Дебар Маало. На 29-ти предвидена е детска програма со почеток од 11 часот каде со музички точки, театарски претстави ќе настапуваат дечиња од градинките и учениците од сите основни училишта во Центар. Додека на 30-ти предвидена е позабавна програма која ќе започне од 15 часот.

„По повод организацијата на предновогодишната забава на самата улица Боемска 1 дел од кафеаните ќе имаат изнесено маси и буриња како шанкови каде граѓаните ќе може да се напијат чајче, сокче или што им е по желба по пониски цени додека на 30-ти ќе има забавна програма на која ќе настапат Фиц од Студени нозе, Дац и Александар Мицевски, Тамбураши и Драган Б. Костиќ. Така што ги покануваме сите. Ќе имаме одлична забава и добра дружба да ја испратиме 2022 и да си посакаме поубава и побогата 2023 година“, изјави Герасимовски.

Герасимовски исто така во МРТВ 1 изјави дека во тек е и подарувањето на 3000 пакетчиња кои се донаторска акција на општествено одговорните компании и пријатели на Општина Центар.

„Од вчера имаме донација од 3 000 пакетчиња и тоа е најголема бројка која досега ја донирала општината за најмладите. Пакетчињата почнавме да ги делиме вчера во неколку болници, денеска исто така сме исто во болницата Козле истите ќе се делат и во четврток и во петок со цел нашите дечиња да ги добијат навреме пред доаѓањето на новата година“, изјави Герасимовски.

Општина Центар упатува искрена благодарност до донаторските компании кои обезбедија пакетчиња за детските градинки, Дневниот Центар за церебрална парализа во Киро Глигоров, за дечињата во Детската Клиника, во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, Здружението на слепи лица со оштетен вид, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, Здружението на граѓани за хуманитарна помош ЗАЕДНИЧКИ ДОМ за мајки и деца од Украина и за дечињата во Центарот за Даунов синдром.

Општествено одговорните пријатели на Општина Центар исто така го овозможија и реализирањето на новогодишната програма на улицата „Боемска 1“ со што нема да бидат потроши средства од општинскиот буџет. Општина Центар останува посветена на негување блиски односи со пријателите затоа што нивите дела прават значајни работи за општината и граѓаните.

Сподели: