Вести Македонија

Герасимовски: Раниот социо-емоционален развој значи среќни и успешни ученици

Сподели:

 

Социо-емоционалниот развој во предучилишната возраст е клучен за понатамошниот развој на децата, во нивните гледишта, успеси, креативност и амбиции. Препознавајќи ја важноста од раното учење, Општина Центар преку Министерството за труд и социјална политика ја спроведува „Програмата за социјална кохезија и културен дијалог“ во сите детските градинки во општината.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска учествуваа во денешната активност „Социо-емоционално учење-клуч за правилен раст и развој за деца од предучилишна возраст“ и заедно со дечињата вежбаа и садеа цвеќиња.

„Утрово преку дружба со децата го разбудив детето во себе, нивната среќа е доволна причина да се грижам за нив и нивната иднина. Токму затоа во сите градинки во Општина Центар спроведуваме проекти за социјалното созревање. Програмите се наменети за деца од 2 годишна возраст и истите им помагаат на децата да се развијат во здрави социјално-емоционални личности и индивидуи. Затоа е важно континуирано да се работи на зајакнување на воспитниот кадар во градинките и подигнување на квалитетот на предучилишното образование во целост. Менторската поддршка од страна на воспитувачите кон останатиот воспитен кадар има големо значење во целиот процес. Тоа им помага на останатите воспитувачи и негуватели во совладувањето на социо-емоционални стратегии со цел да ги задоволат специфичните развојни потреби на малите деца. Токму затоа е и оваа програма која треба да го зголеми пристапот и подобри квалитетот на предучилишното образование во земјава“, изјави Герасимовски.

Програмата за социјална кохезија која се спроведува во градинките е поддржана во соработка со УНИЦЕФ и Амбасадата на Обединетото Кралство кои овозможија поддршка за воспитувачите во предучилишните установи и социо-емоционалното учење.

Социо-емоционалните проекти се особено значајни за децата затоа што вклучуваат игри за рефлексии, социјални активности каде децата ги изразуваат чувствата, учат да ги поздравуваат повозрасните но и когнитивните кои го поттикнуваат размислувањето. Оваа активност Општина Центар и Министерството за труд и социјална политика ја спроведуваат како дел од кампањата „Гласна и храбра“ со цел зајакнување на менталното здравје кај децата.

Ваквото интерактивно прикажување преку игра со децата е во насока на поттикнување на социјално емоционалните компетиции и раниот детски развој во насока да им се помогне на децата да станат зрели и успешни личности. Во рамки на посетата, градоначалникот Герасимовски ја посети и сензорната соба која е во склоп на матичниот објект на градинката „Кочо Рацин“ во Капиштец.

Сподели: