Вести Македонија Ударни вести

Герасимовски: Заштедените 700 000 денари од репрезентативни трошоци, за семејствата од социјален ризик

Сподели:

 

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски кој направи „нула“ денари трошоци за репрезентација, угостителски услуги и патувања во странство средствата ги пренасочува како еднократна парична помош за семејствата од социјален ризик во својата општина. Станува збор за средства во висина од околу 700 000 денари кои беа предвидени во општинскиот буџет за 2022 година и истите беа заштедени по овие основи.

„Општина Центар има градоначалник кој целата измината година не трошеше за репрезентативни трошоци, ниту на оние непопуларни трошоци за кафеана, патувања во странство но и службен автомобил затоа што јас сум вљубеник на велосипедот и секојдневно го користам како превозно средство. Овие мои практики донесоа заштеда во општинскиот буџет од околу 700.000 денари. Во пресрет на новогодишните и божиќните празници средствата ги прераспределуваме како финансиска помош за социјално загрозените семејства од нашата општина. Секој граѓанин заслужува достоинствено пречекување на празниците и ние обезбедуваме подобри услови за да го овозможиме тоа“, смета Герасимовски.

Градоначалникот Герасимовски уште пред стапувањето на функцијата вети одговорно и домаќинско работење и една година подоцна го исполнува тоа. Покрај оваа заштеда во Општина Центар беа реализирани бројни настани и проекти, започнати и капитални инвестиции со кои се подобруваат условите за живот на граѓаните и се зголемуваат можностите за социјален и економски развој.

„Со сите овие проекти кои ги започнавме изминатава година докажавме дека нашиот единствен фокус се граѓаните и нивните интереси и потреби. Непродуктивните трошоци кои служат за лични привилегии не се наша одлика и немаат никаков директен бенефит за сите нас. Затоа, ставаме крај на недомаќинското работење и ги отстрануваме непотребните трошоци“, смета Герасимовски.

Во Центар се работи и ќе се работи уште повеќе. Општината и граѓаните заедно ќе изградат нова приказна на задоволни граѓани и среќни генерации.

 

Сподели: