Годишна награда за млад истражувач на Народната банка

Сподели

 

Народната банка го објави годишниот конкурс за доделување на наградата за млади истражувачи.

“Заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри, Народната банка на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Народната банка) доделува Годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи.

Право за учество на Конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.

Tрудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:

– апстракт, како и назначување на областа на истражување според стандардната класификација (Journal of Economic Literature – JEL);
– осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;
– опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;
– анализа;
– заклучни согледувања и
– библиографија. 

Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или англиски јазик.

Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со трудови коишто веќе биле објавени, но не пред 1 јануари 2022 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.

Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Изборот на најдобар труд го врши Одборот за оценување, којшто се состои од претседател на одборот и двајца членови од Народната банка. Гувернерот на Народната банка ги назначува претседателот и членовите на Одборот за оценување, со решение коешто ќе се објави на интернет-страницата на Народната банка. Одборот за оценување го врши изборот на најдобар труд анонимно, без притоа да поседува информации за имињата на авторите и нивни биографии. 

Трудовите се вреднуваат според следниве критериуми:
1. Релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај;
2. Соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;
3. Јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;
4. Соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Северна Македонија);
5. Соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап;
6. Конзистентност и логичност на тезите во трудот;
7. Заклучоци и препораки и нивна соодветност.

Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд (прва награда) изнесува 100.000,00 денари, нето.

Доколку Одборот за оценување оцени дека второрангираниот труд е исто така со квалитет близок до прворангираниот, Народната банка може да додели и втора награда, во износ од 50.000,00 денари, нето.  

Доколку Одборот за оценување оцени дека прворангираниот труд, иако има највисока оцена, сепак не е со потребниот највисок квалитет, Народната банка може да додели само втора награда.

Доколку Одборот за оценување смета дека ниеден од трудовите не ги исполнува условите за добивање награда, Народната банка може да не ја додели Годишната награда.

Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2024 година.

Народната банка ќе ја извести јавноста за наградениот труд преку соопштение, а наградата ќе биде врачена на настан организиран од Народната банка. Наградениот труд ќе биде објавен на веб-страницата на Народната банка. Добитникот/добитниците на наградата ќе бидат поканети да го презентираат наградениот труд/трудови на настан во организација на Народната банка.”