По повод Светскиот ден на лицата со попреченост, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го посети Дневниот центар за лица со церебрална парализа, место кое повеќе од две децении обезбедува поддршка, развој и топлина за своите корисници.
Посетата беше посветена на истакнување на достоинството, храброста и силата на лицата со попреченост, кои секојдневно нè учат што значи вистинска упорност. Центарот, создаден благодарение на визијата на Здружението на родители на деца со церебрална парализа-Скопје, останува пример за инклузија, солидарност и човечност.
“Денес, на Светскиот ден на лицата со попреченост, оддаваме почит на достоинството, храброста и силата на луѓето кои секојдневно нè учат што значи вистинска упорност.
Посебна чест е да зборуваме за Дневниот центар за лица со церебрална парализа, место кое повеќе од две децении нуди поддршка, развој и топлина. Преку Центарот поминале над 100 лица, а денес 22 корисници тука учат, растат и се развиваат. Овие бројки претставуваат вистински животни приказни и мали, но големи победи. Овој Центар постои благодарение на визијата и упорноста на Здружението на родители на деца со церебрална парализа – Скопје. Нивната љубов ја започна приказната, а стручниот кадар и родителите секој ден ја продолжуваат.
Како град Скопје, наша должност е да овозможиме уште подобри услуги, поголема достапност и вистинска инклузија. Лицата со попреченост не бараат привилегии, туку бараат можност, а ние сме тука да ја создадеме. Секогаш ќе бидеме силна поддршка! Да испратиме порака дека секое дете, секој млад човек и секој возрасен има свое место, свој потенцијал и своја важна улога во нашата заедница.”


