Ѓорѓиевски: Скопје го гради својот најголем еколошки штит

Сподели:

Проектот кој со децении претставуваше неопходност и надеж за Скопје, денес забрзано се гради и станува реалност. Пречистителната станица за отпадни води е најголемиот и најсовремен еколошки проект во Македонија. Станува збор за комплексен инфраструктурен зафат кој опфаќа изградба на околу 60 објекти и кој ќе донесе историска промена во заштитата на реката Вардар, животната средина и здравјето на граѓаните, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Денес изградбата се одвива со забрзана динамика и во согласност со предвидениот работен план. Речиси 40 проценти од градежните работи веќе се завршени.

„Пречистителната станица е нашиот најголем еколошки штит и проект од историско значење за Скопје. Со нејзината изградба ќе ставиме крај на долгогодишното загадување на Вардар со непречистени отпадни води и ќе создадеме поздрава и побезбедна животна средина за сегашните и за идните генерации“, истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Согласно договорот склучен меѓу ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и изведувачот, завршувањето на градежните активности е предвидено во првата половина на 2028 година. Потоа ќе следуваат две години пробна работа, која треба да заврши во првата половина на 2030 година.

Реализацијата на овој капитален проект значи почист Вардар, поздрава животна средина, повисоки еколошки стандарди и посигурна иднина за генерациите што доаѓаат, додаде Ѓорѓиевски.

фото ФБ Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје

Сподели: