Ѓорѓиевски: Скопје ја памети цената на својата слобода

Сподели:

Скопје ја памети цената на својата слобода. И никогаш нема да ги заборави оние што ја платија со својот живот!

Утрово, по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, ја одржавме традиционалната средба со претставниците на Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија. Им се заблагодарив за посветеноста со која го чуваат споменот на ослободителите и го пренесуваат нивниот завет на новите генерации, изјави градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

На денешен ден, по неколкудневни тешки борби со фашистичкиот окупатор, борците од 42-та и 50-та народноослободителна дивизија и 16-та македонска бригада му ја донесоа слободата на Скопје. Со огромна храброст и саможртва го отворија патот кон иднината на нашиот град. Нивниот подвиг живее во секое слободно утро на Скопје. Во секоја генерација што расте со право да сонува, да создава и гордо да му припаѓа на својот град. Тие се изборија за слободата. Наша должност е да бидеме достојни за неа!

Како градоначалник, таа одговорност ја носам со длабока почит и со цврста решителност да градиме Скопје во кое достоинството, солидарноста и заедништвото ќе бидат дел од секојдневниот живот. Град што ќе им го оставиме на идните генерации со гордост, свесни дека сме го дале најдоброто од себе.

Нека ни биде вечен заветот на ослободителите! Да го чуваме Скопје, да го градиме и да го сакаме со дела! Вечна слава на хероите кои го донесоа 13 Ноември! Слава на борците за слободно Скопје!

фото Град Скопје

Сподели: