Град Скопје апелира да престане палењето на контејнерите низ скопските улици

Сподели

 

Во текот на изминатиов викенд непознати сторители опожариле три сада за одлагање отпад лоцирани на булеварот „Крсте Мисирков“ во близина на Бит Пазар. Опожарените контејнери со зафатнина од 3,2 м3 се целосно уништени и неупотребливи. Од почетокот на годинава се вкупно опожарени девет пластични контејнери поставени на јавни површини, информираат од Град Скопје.

Опожарените садови се заменети со нови и не беше нарушена динамиката на одлагање, собирање и транспорт на комуналниот отпад.

 

 

Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи и се очекува да бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите.

 

 

Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена апелираат до сите граѓани да ги чуваат и да не ги оштетуваат садовите за одлагање отпад поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена. Садовите за отпад се набавуваат со средства од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржува комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти.