Вести Македонија

Граѓаните и политичарите на одмор, „борбата“ продолжува по 15 август

Сподели:

maxresdefault

Гласањето за ребалансот на буџетот во петокот (29 јули 2016 г.) беше последниот парламентарен настан пред почетокот на летните одмори за политичарите, кој вообичаено трае две недели.

Еден ден порано беа изгласани и и измените и дополнувањата на Законот за внатрешни работи, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за кривична постапка, Изборниот законик и на Законот за Влада, договорени меѓу претставниците на политичките партии.

Паралелно со политичарите, масовно на летување заминаа и Македонците, а тоа се чувствува и на празните улици низ градовите. Секако, 2 Август дополнително ги натера луѓето да го поврзат викендот и да спојат уште некој ден одмор.

Се очекува по 15 август да се засили политичката борба, кога и треба да се знае составот на ад хок телото за регулација на медиумите, главниот уредник на МТВ по предлог на СДСМ, а кон крајот на месецот треба да се знае и дали на 11 декември ќе има предвремени парламентарни избори.

Дел од политичарите, сепак, утре ќе бидат местата вообичаени за овој празник.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ќе присуствува на одбележувањето на Илинден во Меморијалниот комплекс во Пелинце, а претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, во Скопје, пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, претседател на президиумот на АСНОМ.

Премиерот Емил Димитриев ќе ја предводи делегацијата на централното чествување на Мечкин камен во Крушево. Таму ќе биде положено цвеќе на гробот на Никола Карев, на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин камен, каде што ќе се одржи голем народен собир.

Во Крушево за Илинден традиционално ќе пристигнат и коњаниците од Илинденскиот марш, а градот од денеска ќе биде домаќин на Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“.

Сподели: