Вести Свет Ударни вести

Гранатирања околу нуклеарната електрана во Запорижја пред мисијата на ОН да почне со работа

Сподели:

 

Украинските власти ги обвинија руските сили дека утрово ја гранатирале договорената рута по која мисијата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) требаше да се движи кон нуклеарната електрана во Запорижја. Како што јавува Укринформ, руските власти го гранатирале градот Енергодар, при што биле погодени станбени згради, продавница и градинки.

Гардијан, пак, ги пренесува информациите на руското Министерство за одбрана за две украински групи на саботери кои преку реката Дњепар се обиделе да пристигнат на три километри од нуклеарната електрана во Запорижја. Тие тврдат дека во моментов се водат борби со украинските сили, а руската страна тврди дека групата од 60 луѓе имаа за цел да изврши саботажа или да ја заземе нуклеарната електрана.

Светските медиуми немаат свои дописници на терен и засега не можат да ги потврдат информациите кои пристигнуваат за состојбата на терен од Запорожје. Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси кој ја предводи мисијата во изјава за Ројтерс рече немаат намера да ја прекинат мисијата, и покрај воените дејствија што во моментов се одвиваат.

Украинската новинска агенција Интерфакс известува дека тимот од мисијата на МААЕ се наоѓаат на пункт кај местото Новоолександривка, кое е лоцирано на 20 километри од нуклеарната електрана и чекаат за да се овозможан безбедносни услови за продолжување на мисијата кон нуклеарната електрана.

Во меѓувреме, гранатирањата и борбите во јужниот и источниот дел на Украина продолжиле и во текот на изминатово деноноќие. Во нападите на руските сили на населени места во Донецкиот регион во изминативе 24 часа загинале пет цивили, а 12 биле повредени, јавува Укринформ. Станува збор за граѓани од Роздолне, Пивничне, Хеорхивка, Бахмут и Словјанск, кои се наоѓаат под постојани гранатирања на руските сили. Во изминатово деноноќие биле истрелани ракети и кон Харкивскиот регион од рускиот град Белгород, но нема информации за загинати и повредени лица.

Украинските власти информираат дека продолжиле со офанзивните дејства на југот на Украина. Во изминативе 24 часа биле убиени 201 руски војник, а биле уништени 12 тенкови Т-72, шест депоа со муниција и 18 воени и моторни возила на руската војска, пишува Укринформ./Мета.мк

Сподели: