Вести Свет

Грчкиот државен долг расте,властите предупредуваат дека нема пари за уште една изолација

Сподели:

Грција е на третата позиција во светот според висината на државниот долг изразен како процент од бруто домашниот производ (БДП). Веднаш по Јапонија и Судан, државниот долг на Грција во април 2021 година достигнал 210 отсто од БДП-то на оваа земја. Грчкиот министер за развој и инвестиции, Адонис Георгијадис во изјава за медиумите ја изнесе загриженоста на владата од евентуален нов бран на новозаболени од ковид-19 наесен, пренесува српскиот весник „Политика“.

„Грција нема пари за уште една изолација, не можеме повеќе со економски пакети да ја помагаме економијата. Доколку нов бран на пандемијата стигне наесен, тоа ќе биде крај за нашите финансии“, изјави министерот Георгијадис.

За да се избегне натамошното задолжување и зголемувањето на државниот долг, грчката влада веќе донесе збир од мерки кои треба да избегнат нов бран од корона вирусот наесен. Од една страна, владата соопшти дека на младите Грци ќе им понуди при-пејд картички од 150 евра за оние што ќе ја примат вакцината против ковид-19, во надеж дека бројот на вакцинирани лица во земјата ќе се зголеми од постојната една третина од населението.

Сепак, грчката влада веќе најави и јасни рестриктивни мерки кон оние што не планираат да се вакцинираат против ковид-19, изложувајќи ја земјата пред опасност од нов загрижувачки бран на заболени лица. Мерките за забрани и изолација во иднина ќе се однесуваат единствено на невакцинираните лица, кои нема да добиваат ниту финансиска помош.

Па така, од 5 јули вакцинираните лица ќе можат да патуваат било каде, но за останатите Грци да можат да патуваат на грчките острови задолжително ќе биде да поседуваат ПЦР тест не постар од 72 часа, брз тест не постар од два дена или потврда за прележан ковид-19. Исто така, од 15 јули угостителските објекти во Грција ќе бидат поделени на „чисти“ и „мешани“ ресторани и кафулиња. Во првите ќе можат да престојуваат единствено вакцинираните граѓани, додека во втората група на угостители ќе се најдат оние кои ќе примаат и невакцинирани лица, но само со носење на маска и задолжителен тест не постар од 48 часа.

Во текстот „Како да се избегне уште една грчка должничка криза“, „Насдак“ пишува дека иако Грција исчезнала од насловните страници во последниве години, огромниот товар на грчкиот долг никогаш не се намали. Сепак, ковид-19 пандемијата ја оптовари грчката економија зависна од туризмот, што доведе до тоа повторно да се појави загриженоста за финансиите на земјата.

Грција во моментов го нема проблемот како во 2009 година, додава „Насдак“, но се поставува прашањето како ќе се одвиваат преговорите околу државниот долг со институциите на ЕУ, доколку јавните финансии во 2023 или 2024 година не се опорават од ковид-19 пандемијата.

Извор: Meta.mk

Сподели: