Грковска: Со популизам лесно се добиваат поени, но се нанесува штета на државата

Сподели

 

„Ако целата меѓународна заедница ви кажува дека нема да има измени во преговарачката рамка, манипулирање со јавноста е постојано да се презентира дека постои друг пат накај Европската Унија“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во денешното интервју за емисијата „Звукот на политиката” на радио Лидер.

Според Грковска, ако се тргнува од заложбите за сериозна и аргументирана дебата за доброто на државата, нема искреност кај политичките субјекти кои одат на линија на ваква манипулација, наспроти отворените пораки од меѓународната заедница. Таа додаде дека, покрај ова, опозицијата нема јасен став ни за одредени геополитички прашања како што е агресијата на Русија врз Украина.

Вицепремиерката Грковска во разговорот истакна дека за прашања кои ја одредуваат иднината на државата и се од суштински интерес на граѓаните, потребен е долгорочен континуитет во нивното решавање, како што е образованието, правосудството, јавната администрација.

„Од стартната позиција на заробена држава во 2017, дојдовме до степен на транспарентност кој сите го препознаваат. Но, за некои работи треба време и отвореност од политичките субјекти, за тоа колку се определени да решаваат прашања од национален интерес и подобра иднина на своите граѓани или сакаат да останат заробени во партиските ровови и да ги користат таквите прашања за партиски поени“, изјави Грковска, дополнувајќи дека во 11-годишното владеење на Груевски не беше направен ниту еден чекор во насока на исполнување на националните интереси.

„Тоа што ме загрижува, и тоа не се однесува само на нашата држава и регион, е што не ги научивме лекциите од минатото, дека играњето на картата на популизам и автократичност прави голема штета. На тој начин лесно и брзо се добиваат поени во јавноста, но се прави штета на долг рок, која тешко се поправа“, изјави Грковска во интервјуто за радио Лидер и апелираше до граѓаните да го искористат своето загарантирано демократско право и да гласаат на претстојните избори.