Груевски: Не се чуствувам виновен, ниту планирам да ја напуштам државата

Сподели

Nikola-Gruevski-pred-sud

Поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по распитот пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје, на кој се задржа околу еден час, изјави дека не се чуствува виновен, додавајќи дека и во иднина очекува да има нови обиди за негово малтретирање и повикување во судот.

Тој рече дека постапките на Специјалното јавно обвинителсто и нивните барања за мерки против него се нарачани од неговиот политички противник, кој е свесен дека ја нема поддршката од граѓаните и се обидува да ги изрелативизира работите со „апсурдни судски покани“.

– Денеска бев повикан во судот затоа што Катица Јанева изразила некаков сомнеж дека ќе ја напуштам земјата и дека нема да се појавувам. Не знам дали некој во државата верува во такво нешто, но, како и да е, се гледа дека СЈО прави чекори кои се нарачани и дека тоа веројатно го посакува нивниот нарачател, кој неколкупати изјави дека не ги признава македонските судови. Веројатно тоа е негова желба, да заминам од земјава и да не се појавам, но тоа ниту ќе го сторам, ниту е вистина ниту, пак, ќе му ја исполнам таа желба. Живееме во еден период во кој човекот што изјави дека не ги почитува судовите, односно дека не ги признава судовите во Македонија, свесен е за својот политички рејтинг, свесен е за големата неподдршка што ја има од граѓаните. Свесен е дека изборите наближуваат и дека не може уште долго да ги одолговлекува и преку контролата што ја има врз луѓето во СЈО, се обидува да ги изрелативизира работите и преку вакви апсурдни судски покани, мене и моите соработници да нè прикаже исти или слични како него – рече Груевски.

Лидерот на владејачката партија не сакаше да одговара на новинарски прашања и по изјавата набрзина замина со образложение дека брза на настан.

Во Кривичниот суд во моментов тече распитот на градоначалникот на општината Гази Баба, Тони Трајковски.

Груевски, Трајковски и поранешениот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, се осомничени во случајот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.

http://meta.mk/gruevski-ne-se-chustvuvam-vinoven-nitu-planiram-da-ja-napushtam-drzhavata/