Гувернерката Ангеловска-Бежоска претставник на 6 земји од регионов во Надзорниот одбор на Виенската иницијатива 2

Сподели

Гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, неодамна е избрана за член на Надзорниот одбор на Виенската иницијатива 2, како претставник на шесте земји од регионот на Југоисточна Европа коишто сѐ уште не се членки на Европската Унија.

Во рамките на Виенската инцијатива 2, таа има активна улога во застапувањето на интересите на регионот пред претставниците на меѓународните финансиски институции и глобалните и регионалните банки присутни во овој дел од Европа. 

Гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе земе учество на конференцијата по повод десетгодишниот јубилеј од формирањето на Виенската иницијатива, при што ќе биде и излагач на панел-дискусијата посветена на предизвиците за прекуграничното банкарство, а и ќе учествува и на традиционалниот форум на Иницијативата, во чии рамки ќе говори и за развојот на банкарскиот сектор на Западен Балкан, во контекст на економските состојби во Централна, Источна и Југоисточна Европа.

Виенската иницијатива 2 претставува платформа за приватниот и јавниот сектор, којашто ги обединува клучните меѓународни финансиски институции, ЕК и релевантните институции на ЕУ, глобалните и регионалните банки присутни со свои подружници и филијали во ЦИЈИЕ, како и регулаторните власти на повеќе земји од Европа, вклучително и земјите коишто не се членки на ЕУ. Преку координирани мерки и активности и ефикасна соработка на овие институции, целта на Виенската иницијатива 2 е да ја одржува и да ја зајакнува финансиската стабилност и да обезбеди заштита од системски банкарски кризи во овој дел од Европа.