Вести Македонија Ударни вести

Хашим Тачи: Успешен референдум ќе значи мир и за Косово

Сподели:

Претседателот на Косово, Хашим Тачи по средбата со премиерот Зоран Заев ги повика граѓаните на Македонија да гласаат „за“ на референдумот и додаде дека успешен референдум ќе значи мир и за Косово.

-Иднината на Косово и Македонија е да се стремат кон ЕУ и НАТО. Косово дава поддршка да се движите напред кон НАТО за европска иднина. Ги повикувам граѓаните да учествуваат на референдумот и да гласаат за Македонија во НАТО. Овој е историски момент, кој треба да се искористи – рече Тачи.

Косовскиот претседател се осврна и на односите помеѓу Белград и Приштина, посочувајќи дека нема да биде лесен процесот да се донесе конечна историска одлука и да се затворат прашањата на Косово и Србија, но затоа тука е дијалогот.

– Вие ја завршивте спогодбата со Грција, сега следува Косово и Србија да го завршат дијалогот. Знаете дека ова нема да биде лесен процес да се донесе конечна историска одлука да се затворат прашањата на Косово и Србија, но затоа тука е дијалогот. Ние имаме многу бариери, но јас сум оптимист, бидејќи подобро сега да се постигне договор отколку по три децении. Јас ќе направам огромни напори за да се постигне договор со Србија што значи реципрочно признавање – додава Тачи, кој вели дека го осигурил Заев дека евентуалната спогодба меѓу Косово и Србија нема да биде со минирање на соседните земји.

Премиерот Зоран Заев најави интензивирање на економската соработка преку воспоставување на мешовит комитет, како и градење на стратегии за интеракција меѓу бизнис заедниците со Косово.

Тој изрази уверување дека новиот граничен премин и инфраструктурната поврзаност со патот Блаце – Скопје ќе има позитивно влијание врз обемот на трговијата.

– Косовскиот лигнит за македонските компании е од особено значење. Ние пак ќе ја поддржиме изградбата на гасовод кон Косово – рече Заев кој најави дека сите овие прашања ќе бидат разгледувани и на заедничка владина седница која треба да се одржи наскоро.

Тој додаде дека Македонија го поддржува позитивното решение за Косово кое ќе ја подобри благосостојбата во регионот и за сите засегнати страни.

-Македонија го поздравува дијалогот меѓу Приштина и Белград, кој го сметаме за клучен за стабилноста. Тоа ќе биде решение за зајакнување на мирот во Србија и Косово – додаде Заев.

meta.mk

Сподели: