И Таравари со гостиварчани на протест против поскапувањето на струјата

Сподели

 

Вчера во Гостивар се одржа протестен марш на незадоволни граѓани од одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, за зголемувањето на цената на електричната енергија за 7,4 проценти.

Маршот беше во организација на навивачката група „Кастриоти“.

Целта на протестот беше да се повлече одлуката за зголемување на цената на електричната енергија, да се намали цената до 20 проценти, да се укине монополот на услугите на ЕВН, да се распушти Регулаторната комисија за енергетика и да се создаде независен арбитражен трибунал во служба на граѓаните кој ќе го проверува квалитетот на услугите од областа на енергетиката.

Со транспаренти за намалување напишани на албански јазик, знамиња на Република Албанија и скандирање повеќе стотина граѓани поминаа од Центарот за култура до градскиот плоштад.

Егзон Азизи од навивачката група „Кастриоти“, кој го предводеше маршот посочи доколку не се исполнат нивните барања од четири точки, протестите ќе бидат радикализирани. Следниот протест е најавен кон средината на идната недела.

На протестот учествуваше и градоначалникот Арбен Таравари кој нагласи дека е дојден како граѓанин, а не како политичар.