Вести Македонија

ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката на СЈО за „Пуч“ скандалозна, срамна и политичка

Сподели:

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ја оцени како скандалозна, срамна и политичка одлуката на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да го повлече обвинението за случајот „Пуч“. Во контекст на преговорите за формирање влада, на седницата ИК ја реафирмираше поддршката за лидерот на партијата Никола Груевски да продолжи со активностите во таа насока бидејќи, како што истакнуваат, волјата на граѓаните е императив.

ИК, како што стои во соопштението, на вчерашната седница ја разгледуваше и анализираше последната скандалозна одлука на СЈО со која Зоран Заев по вторпат избегнува кривична одговорност за криминалот во кој што е фатен.

– Врз основа на изнесените правни аргументи, беше оценето дека станува збор за срамна одлука со која што СЈО наместо орган кој што гони криминал се промовираше себе во партиски орган на СДСМ чија основна задача е да го штити криминалот на Заев и злосторничкото здружение формирано околу него. Оваа одлука претставува и еден вид преседан бидејќи експертската јавност не памети во правната пракса во Република Македонија некој јавен обвинител да се откаже од застапување на обвинението во оваа фаза на постапката, кога обвинителниот акт е правосилен и потврден од совет на судии. Со партиската одлука на Катица Јанева се дерогира и претходната судска пресуда изречена по признание на еден од пленовите на злосторничкото здружение на Заев и Верушевски, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Според ИК на партијата, политичката одлука на Јанева е најдобра потврда дека Заев и Верушевски се фатени во криминал и дека органите на истрагата го поткрепиле случајот со цврсти и несоборливи докази.

– Во спротивност немаше да постои причина Катица Јанева по вторпат да го спасува Зоран Заев од кривична одговорност. Катица Јанева само потврди дека е инструмент на СДСМ/Сорос. Ќе има правда и ќе има мир кога криминалци како Зоран Заев ќе одговараат пред судовите и кога нема да постојат разни Катици и СЈО-а за да ги спасуваат. Ќе има правда и ќе има мир бидејќи народот ги прочита платениците на СДСМ/Сорос кои молчат и се кријат по втората аболиција на криминалецот Заев, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Правдата пред македонските институции, наведуваат од партијата, ќе го стигне Заев и неговото злосторничко здружение, порано или подоцна и тие мора и ќе одговараат за се што и сторија на Република Македонија и на македонскиот народ.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува институциите да работат согласно Уставот и законите и да не дозволат сторениот криминал да минува неказнето. Заев, како што се потенцира, не е, ниту смее да биде привилегиран и над останатите граѓани.

Сподели: