Геровски: Колеги новинари, ве повикувам да го прекинете овој малодушен молк и сите заедно најостро да ги осудиме навредите и заканите од лицето Асани упатени кон нашиот колега Селмани

Сподели

Колеги новинари, ве повикувам да го прекинете овој малодушен молк и сите заедно најостро да ги осудиме навредите и заканите од лицето Беќир Асани упатени кон нашиот колега Насер Селмани. Веднаш! Без страв! Без скрупули!

Знам дека некои од вас се зафатени со негување на своите нови фетиши, со одбрана на новата власт, со скицирање на “големата слика”. Факт е и тоа дека некои од нас во минатото жестоко полемизираа со Насер за разни прашања. Меѓу нив сум и јас.

Но, сите тие причини сега не можат да го оправдаат нашиот молк. На колегата Селмани, освен што му е потребна поддршка од меѓународниот фактор (ја добива) и 24-часовна физичка заштита од полицијата, најмногу ќе му значи нашата колегијална поткрепа. Апелирам до сите да му ја пружиме!

 Во минатото, во слични прилики, умеевме и да протестираме. Еднаш дури и се судривме со полициски кордон. Зошто денес молчиме? Кого штитиме? Што браниме? Дали обидот пак да се заплашуваат новинарите и пак да живееме во медиумски мрак, под чизмата на цензорите и на нивните апологети?

За ова ли се боревме? За живот за насилниците кои слободно и неказнето ќе не навредуваат и заплашуваат? За правото на некои малоумници коишто лажно се претставуваат за новинари и за поддржувачи на новата власт, слободно, преку своите парамедиуми, да ги шират тие закани во етерот и на тој начин да ја дисциплинираат новинарската заедница?

Колеги, денес на удар е Насер, утре ќе бидеме јас и вие. Ако баш не сакате да бидете солидарни со нашиот колега, тогаш бидете себични и размислувајте за својата иднина. Утре вие ќе бидете наречени “копилиња” и ќе се обѕрнувате околу себе, очекувајќи некој да ве нападне и да ве претепа на улица.

И затоа, јас ви велам – или кренете го бунтовниот глас гордо високо, или кренете бело знаме и наведнете ги главите. Наведната глава сабја не сече…