Вести Македонија Ударни вести

Има уште групи како „Јавна соба“ за кои јавноста не знае

Сподели:

 

Групата „Јавна соба“ на мобилната апликација за инстант пораки „Телеграм“ деновиве ја разбранува јавноста заради тоа што во неа се споделувале фотографии од разголени девојки меѓу кои наводно има фотографии и од малолетни лица. Целиот скандал наметнува повеќе прашања, меѓу кои и зошто е избрана токму „Телеграм“ комуникациската апликација за оваа намена, кој сѐ може да креира ваква група, како и дали има начин на контрола на ваквите компромитирачки и деградирачки групи и дали има уште други такви групи за кои не се знае? За ова поразговаравме со неколкумина експерти во областа на образованието, информатичката технологија и на комуникациите.

Ванчо Орданоски, основач и директор на компанијата „Инфопроект“, вели дека не е случајно избрана апликацијата „Телеграм“ за оваа намена.

– Ова е една од ретките апликации која е енкриптирана од крај до крај, што значи дека од надвор многу тешко може да се пробие. Самиот избор на „Телеграм“, не е избор на тинејџери. Тие избираат „Инстаграм“, „Фејсбук“ односно месинџер, кои се апликации кои се полабави во однос на комуницирање. Изборот на „Телеграм“ не е направен наивно, бидејќи тој се користи за споделување доверливи информации. Терористи користат „Телеграм“. Тој е енкриптиран, никој не се знае кој е корисникот. Органи на прогон не можат да го прислушуваат – вели Орданоски.

Според него, целата, условно речено, вина, за постоењето на таква група паѓа на администраторот на групата зашто администраторите се тие кои можат да прават ветинг на секој нов член.

– Само тој може да покани член, да исфрли член, да го банира и слично. Група со неколку илјади членови, каква што е оваа, многу тешко се администрира. Сето тоа што се случува таму е излезено од секаква контрола. Модерното општество не е подготвено да контролира вакви појави. Ние немаме начин на борба против вакви работи. Еве погледнете, „Фејсбук“ е преполн со лажни вести, „Твитер“ исто така. „Твитер“ неодамна затвори 15.000 лажни акаунти кои правеле пропаганда. Луѓето во светот имаат проблем со контрола на овие појави, не само ние како држава. Борбата против сето ова се води само со свесност кај секоја индивидуа. Не може нашето Министерство за внатрешни работи ништо посебно да направи, колку што може да направи нашата свесност за тоа, како се однесуваме на Интернет – појаснува Орданоски.

Тој вели дека во училиштата, ниеден пристап до Интернет не е филтриран и дека буквално на децата сѐ им е на дофат.

– Претпоставуваме дека дома родителите имаат поголема контрола врз она што го гледаат и до што имаат пристап децата. Но, децата со телефон денеска тешко е да ги контролираш. Факт е дека децата половина живот го минуваат дома, половина на училиште. Затоа, неопходно е на еден популарен начин да им се објасни на наставниците, да се едуцираат за ризиците и на сето она што може да биде последица од одредено однесување на Интернет. И родителите сметам дека не се доволно подготвени. Големите антивирусни компании како „Касперски“, „Авира“, имаат специјални пакети за деца, каде се филтрираат содржини кои не се пригодни за деца. Тоа детето не може да го исклучи, не може да отвори што сака. Училиштата пак, мора да преземат мерки во соработка со интернет-провајдерите регистрирани во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), за да се зголеми контролата. Министерството за образование и наука треба да одреди правила кои треба да се почитуваат, треба да консултираат експерти и да согледаат кој е најдобар начин на превенција. На крајот, технологијата не е виновна, сѐ е до свеста на поединецот. Интернетот е безмилосен, а јас сум убеден дека има уште десетици други такви групи за кои никој не знае – завршува Орданоски.

Дарко Булдиоски, интернет-консултант во „Њу медиа“ вели дека младите комуницираат многу често во затворени групи, но не се свесни дека можат да бидат злоупотребени.

– Има два основни проблеми. Родителите ги оставаат децата да прават сѐ и сешто без разбирање што сè може да направат како добро, така и лошо. Никој не им кажува дека тоа може да им се врати негативно. Второ, има проблем денеска затоа што за нас повозрасни и за луѓе кои се помлади, приватноста не значи иста работа. Концептот на приватност е комплетно различен за помладите и постарите. Помладите комуницираат многу често во затворени групи, но не се свесни дека можат да бидат злоупотребени. Нема начин да се исконтролира ова, бидејќи ова е проблем на општеството. Ова е ширење на малолетна порнографија. Ниеден сервис, односно ниеден нормален човек нема да одобри и да аминува детска порнографија. Државата може да го санкционира, да најде начин како да ги лови, но дека некако сето ова ќе се забрани, е тешко изводливо. Од каде да знаеме дека и на инстаграм нема ваква слична група? – прашува Булдиоски.

Проф. д-р Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки при штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, вели дека е шокиран од скандалот со малолетниците чии разголени фотографии се споделувале во групата на „Телеграм“.

– Два периоди во животот се најсериозни, раното детство и тинејџерството. Голем дел од предизвиците, проблемите, нервозите и неурозите во семејството се последица на пореметените општествени односи. Јас верувам дека преку воспитувањето ние треба да им пренесеме на децата модел/мостра како да им биде добро во животот. Децата тоа го бараат од нас. Ако тие видат дека ние ја имаме таа мостра, ќе посакаат да ја „земат“ од нас. Ако ја немаме, децата ќе ја побараат кај некој друг, или ќе ја бараат сами – предупредува професорот.

meta.mk

Сподели: