Превенција од корона вирус: Активирање на термалната камера на аеродромот за проверка на патниците

Сподели

 

 

“Министерството за здравство заедно со Комисијата за зарази болести ги дефинира чекорите кои што превентивно ќе бидат преземени во случај на појава на корона вирусот. Активирање на термалната камера на аеродромот за проверка на патниците кои доаѓаат од овој регион, активирање на специјална изолациска соба на аеродромот со лекарска екипа за прегледи на сомнителни случаи и телефонски број на којшто патниците со симптоми на грип ќе може да бидат контактирани за следење на состојбата. Ова се приоритетните чекори.

„Нема простор за паника, затоа што ние немаме директна комуникација и директни летови со овој регион и патниците што патуваат од овие делови се веќе неколку пати скенирани на другите аеродроми. Станува збор за вирус што има слични симптоми како грипот, може да помине со лесна, средна форма, но исто така и тешка форма. Ние сепак преземаме мерки на превенција и за летовите од Истанбул и Дубаи кои што имаат врска со овој регион, патниците ќе се скенираат со термална камера. Според последната оценка нашиот аеродром е евалуиран на највисоко ниво и ги задоволува стандардите за детекција и рана изолација доколку се наиде на сомнителни симптоми. На самите аеродроми ќе бидат активирани и соби со лекарски екипи кои што ќе прават преглед. Со оглед на тоа што е сезона на грип се очекува дека ќе има и доста лажно позитивни резултати кои ќе бидат пуштани на домашно лекување и за овие случаи од утре ќе биде достапен телефонски број на којшто ќе може да ја пријават секоја промена на сопствената клиничка слика и ќе бидат упатени каде да се јават за понатамошна опсервација или интервенција со цел да не одат на матичен лекар. На тој начин секој можен и потенцијален случај се става под контрола на движење. Сите други пациенти кои што имаат симптоми ќе го следат нормалниот процес. Министерствата за здравство има алгоритам на движење и дејствување односно лекување доколку е потребна изолација и карантин. Во однос на реагенсите, има неколку типови корона вирус во овој момент ги имаме потребните реагенси за четири типови и во текот оваа недела најдоцна до петок ги очекуваме останати реагенси за сите корона вирус типови а во однос на другите капацитети сме целосно спремни“, изјави министерот Венко Филипче.

На телефонскиот број треба да се јават исклучиво лицата кои што ќе допатуваат со лет од Истанбул и Дубаи. Министерството за здравство и клиниките од претходните искуства со ебола и сарс вирусите имаат воспоставено протокол и искуство за реагирање во слични ситуации.

“Македонија ги следи препораките од Светска здравствена организација во делот на превентивен надзор на лица кои што доаѓаат од Кина, дијагностика на сите сомнителни случаи, лекување и трансфер од местото каде што во моментот се хоспитализирани. Кај овие лица ќе имаат посебен третман, посебен надзор со термална камера и кај оние кај кои што ќе се покаже сомнение од зголемена температура, екипа од аеродромот ќе разговара и ќе ги интервјуира во соодветна облека и доколку се покаже дека имаат каква било симптоматологија ќе бидат тргнати во изолација. Другите без никаква симптоматологија ќе бидат упатени дома, меѓутоа ќе им биде даден телефонски број во случај на зголемување на симптоматологија поврзана со респираторно заболување, да се пријават. Она што е за нас битно дека епидемиолошката служба е ставена во целосна приправност, Инфективната клиника со сите свои капацитети може да одговори на овој предизвик,” изјави д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

Министерството за здравство има направено набавка на потребните реагенси, Инфективната клиника е опремена со соодветна опрема и скафандери за заштита на лекарските екипи а има воспоставено е детален протокол односно алгоритам на движење за безбедно изолирање на сомнителните случаи” – известуваат од министерството за здравство.