Интензивирање на соработката помеѓу секторите на јавната и приватната безбедност

Сподели

 

Денеска директорот на Биро за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, присуствуваше и се обрати на научно-стручна дебата на тема „Јавната и приватна безбедност – преку координација и соработка до заедничка превенција на безбедносните ризици и закани” во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот Факултет во Скопје, а во присуство на професори и студенти, како и припадници на Секторот за приватно обезбедување.

Дебатата претставуваше и промоцијата на книгата „Јавната и приватна безбедност – координација и соработка”, која е резултат на истражувачката студија „Јавната и приватна безбедност – координација и соработка”, и содржи резултати од истражувачкиот проект што го поддржа Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување, а го реализираше тим од Филозофскиот факултет во Скопје во состав: проф. д-р Оливер Бакрески, проф. д-р Марјан Ѓуровски и м-р Лета Барџиева Миовска, воедно и автори на книгата, а голема важност има и ангажманот на МВР, односно на директорот на БЈБ, м-р Сашо Тасевски, особено при спроведувањето на истражувањето во МВР.

 

Пред присутните свое обраќање имаше директорот Тасевски, при што на почетокот од своето обраќање даде осврт на појавата на приватната безбедност како потреба за заштита на приватната сопственост, а низ светските искуства, се повеќе добива во надлежност и во сложени безбедносни задачи, особено во делот на безбедноста на приватните правни субјекти и компании.

Директорот Тасевски потенцираше дека Министерството за внатрешни работи е свесно дека остварувањето на соработка меѓу приватното обезбедување и јавната безбедност е сложен и комплексен процес, што најдобро се ефектуира кога постои формализиран начин на комуникација на заинтересираните страни, преку континуирана размена на информации и мислења.

„Она што е суштествено битно за полицијата, по однос на приватното обезбедување, неговата улога и позиција, покрај принципите на: соодветната селекција на вработените, компетентност, моралниот и етички интегритет, но и техничката опременост на приватно обезбедување, се и решенија што директно ќе водат кон продлабочување на соработката, нејзина поголема функционалност и ефикасност”, истакна директорот Тасевски.

„А во таа насока за Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност, од несомнена важност е интензивирањето на соработката и комуникацијата помеѓу двата сектори (јавната безбедност и приватната безбедност), и секако определувањето на јасни протоколи за соработка преку кои ќе се манифестира заедничко и усогласено дејствување на јавниот и приватниот сектор. Потоа, проактивен пристап во спречувањето на вршење на кривични дела, оосбено кога станува збор за заштита на имотот и безбедноста на компаниите, односно намалување на безбедносните ризици, закани и загрозувања преку примена на законски пропишаните овластувања за физичко и техничко обезбедување, како и континуирана двонасочна едукација заради јасно и доследно запазување на принципите на легалитет и легитимитет, во делувањето и постапувањето”, нагласи директорот Тасевски.

Директорот Тасевски, меѓу другото, истакна дека студијата се фокусира на кохабитација меѓу двата безбедносни сегменти, на подигнувањето на нивото на функционалност, и контрибуција меѓу јавниот и приватниот сектор со што ќе се даде заеднички придонес во градењето одговори против заканите што оставаат силни импликации врз безбедноста и загрозувањето на луѓето и нивниот имот.

„Предизвикот уште повеќе е за почитување поради самиот факт што соработката и координацијата меѓу јавното и приватното обезбедување е комплексна и тешка задача, и дека координацијата и соработката се одликуваат со голема специфичност и сложеност. Секако дека тоа не е ниту лесно, ниту едноставно, но како што впрочем потенцираат и самите автори почитуваните професори Бакрески, Ѓуровски и м-р Барџиева Миовска сето ова бара целосна вклученост на сите заинтересирани фактори во тој процес на партнерство – и ние како полиција и приватното обезбедување од своја страна бидејќи знаењето и искуство се од непроценливо значење за да се обезбеди соодветно дејствување независно на условите и потребите”, заврши директорот Тасевски.