Интервју со Мифонви Никсон: Доаѓаат нови генерации политичари за кои интернетот и отчетноста е нормална работа

Сподели

„И ние имавме скандал со трошоци на пратениците. Ги објавивме податоците, медиумите известуваа, пратениците мораа да дебатираат за тоа, се променија законите и нема повеќе пари за шанци за патки“, вели за Радио МОФ Мифонви Никсон, давајќи пример од британската политичка сцена за неодговорно трошење јавни пари од страна на функционер.

Никсон е комуникациски менаџер на MySociety, хуманитарна организација од Велика Британија која нуди дигитални алатки преку кои граѓаните добиваат информации и надзор врз работата на нивните власти.

Таа беше еден од говорниците на ENGAGE конференцијата за друштвен активизам, а нејзиното присуство го искористивме да поразговараме за предизвиците на демократијата во дигиталната ера, проблемот со лажните вести на социјалните мрежи и алатките преку кои граѓаните можат да ги натераат политичарите на поголема отчетност и одговорност.

Вашиот говор на ENGAGE беше насловен „Политичарите работат за вас, а не вие за нив – па како да ги натераме на одговорност?“. Имате ли одговор на ова прашање?

Постојат повеќе одговори на ова прашање, но ние во MySociety користиме технологија и онлајн алатки кои им овозможуваат на обичните граѓани да добијат информации за она што го прават нивните политичари. Често кажуваме дека „политичарите работат за вас – вие сте шефот“, но како би биле ефикасен шеф, доколку не знаете што прават вашите политичари? Првиот чекор за нас беше да се осигураме дека сите тие информации се лесно достапни на интернет. Објавуваме сè што се случува во парламентот, ги објавуваме мејловите на политичарите за да можеме да стапиме во контакт со нив и да им кажеме доколку не ни се допаѓа нивниот став за некоја тема, или начинот на кој гласале по одредено прашање. Сметам дека доколку политичарите видат дека голем број луѓе им порачуваат дека не се сложуваат со некоја нивна одлука, тие ќе го променат нивното однесување.

 

Една од идеите на кои е основана вашата организација е и истражувањето на демократскиот потенцијал на интернетот. Колкав е потенцијалот на интернетот денес, во време кога светот се соочува со проблемот на дезинформации и лажни вести онлајн?

Станува очигледно дека е сè поважно да се објавуваат информации за одлуките на политичарите или гласовите на пратениците и доколку тие информации покажуваат дека не сте пристрасни, туку едноставно ја објавувате вистината, тоа е единствениот начин за да бидете доверлив извор. Не е важно што „лажните вести“ можат да ги спинуваат вестите во еден или друг правец, но, доколку се вратите до вистинскиот извор тогаш тоа не може да се спори. Од почетокот на MySociety се создадоа уште многу други организации кои, слично како и ние, ја користат технологијата. Постои цело поле наречено „граѓанска технологија“ (civic technology), со цел да им даде моќ на граѓаните да имаат поактивна улога во демократијата. Постои и огромно поле на интернет субјекти кои се занимаваат со проверка на факти, каде одредена вест, за која не сте сигурни дека е лажна или вистинита, можете да ја испратите дури и на автоматски софтвер кој веднаш ќе ја спореди со други вести за кои се знае дека се лажни или вистинити и веднаш добивате одговор. Овие времиња се навистина тешки, но технологијата многу напорно се обидува да одржува баланс и да обезбеди граѓаните да имаат контрола.

Интервјуто во целост прочитајте го тука