Истече рокот за јавниот увид во Избирачкиот список за локалните избори 2017

Сподели

На полноќ истече рокот за јавниот увид во Избирачкиот список за локалните избори 2017.

Според Роковникот на изборни дејствија на ДИК, во рок од пет дена по завршување на јавниот увид, Комисијата треба да го достави Избирачкиот список до политичките партии кои, пак, во рок од пет дена треба да ги достават своите забелешки до ДИК.

По поднесените барања, ДИК одлучува во рок од три дена, а против решението на ДИК, политичките партии може да поднесат тужба до Управниот суд во рок до 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа од приемот на тужбата.

Избирачкиот список во кој се извршени сите промени од јавниот увид, ДИК го заклучува најдоцна 14 дена по завршениот јавен увид, односно најдоцна до 24 септември. Заклучениот избирачки список ДИК го потпишува најдоцна 15 дена пред денот на одржување на изборите.