Косово со нова влада на чело со Харадинај

Сподели

Со 62 гласа ЗА и еден воздржан, косовскиот парламент вчера ја избра новата влада, предводена од Рамуш Харадинај, лидерот на „Алијасна за иднината на Косово“.

Владата ја поддржаа партијата на Харадинај, Демократската партија на Кадри Весели, Иницијативата за Косово на Фатмир Лимај, Алијансата за Ново Косово на Беџет Пацоли, пратеничката група на Србите и онаа на немнозинските етнички заедници. Пред гласањето собраниската сала ја напуштија пратениците на движењето „Самоопределување“ и Демократскиот сојуз.

Во кабинетот на премиерот Рамуш Харадинај, прв потпретседател на Владата и шеф на дипломатијата е Беџет Пацоли, потпретседатели се Енвер Хоџај, Фатмир Лимај, Далибор Јевтиќ, кој ќе биде и министер за враќање на раселените и за заедниците и Дардан Гаши, кој ќе биде задолжен за дијаспората и за привлекување инвестиции.

Харадинај ги презентираше приоритетите на Владата, кои опфаќаат зајакнување на редот и законот, членство во НАТО, евроинтеграцијата и дијалогот со Србија.

„-Косово денеска е во опасност и од нови и од стари ризици, затоа треба прво да се гарантира внатрешната безбедност, зајакнување на редот и правната држава. Косово ќе се чувствува безбедно единствено со зачленувањето во НАТО и затоа ќе работиме да го однесеме во Алијасата. Зачленувањето во меѓународните организации е отежнато, но ќе работиме и за тоа. Ќе работиме со цел во рекордно време да почне имплементацијата на Спогодбата за асоциација и стабилизација и ветувам дека ќе добиеме статус на земја кандидат за членство во ЕУ. Ќе го зајакнеме пријателството со САД, а што се однесува до регионот дијалогот со Србија нема алтернатива“, изјави Харадинај.

Тој во своето обраќање, вети дека ќе биде премиер на сите, вклучувајќи ги и малцинствата на кои им се обрати на српски јазик.