ИТНИ АКТИВНОСТИ ЗА КООРДИНИРАЊЕ НА ИНСПЕКЦИИТЕ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА

Сподели

Во однос на преземање на засилени активности за справување со загадувањето на амбиенталниот воздух, Државниот инспекторат за животна средина направи повеќе теренски контроли на територијата на скопските општини, посебно во Карпош, Ѓорче Петров и Гази Баба. Се направија ноќни обиколки по дојави на граѓани, при што се утврдија многубројни палења отпад на отворено, кои покрај загадувањето на воздухот, претставуваат и опасност за безбедноста на граѓаните. Загадувањето доаѓа и од неконтролирано користење несоодветни горива во индивидуалните куќи и во индустриски инсталации од помал капацитет, кои се под надлежност на локалната самоуправа.

Теренските активности покажаа дека постои недоволна усогласеност во дејствувањето на Државниот и локалните инспекторати и тоа создава празнини и секојдневна непокриеност на голем број еколошки жешки точки. Тоа јасно покажа дека за да се обезбеди ефикасна заштита на здравјето и животната средина е потребно итно координирање на инспекциите за животна средина. Особено е алармантна состојбата во Скопје, каде што дејствуваат дури три нивоа на инспекторати (државен, градски и општински), а исходот е незадоволителен.

Од оваа причина, на 8 ноември ќе се одржи координативен состанок со кој ќе раководи заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули. На состанокот ќе присуствуваат претставници на повеќе институции надлежни за животната средина во Скопје – Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат, градскиот и општинските инспекторати, како и сите скопски градоначалници, кои го иницираа истиот.

Постои цврста решеност кај нас како институција, а верувам и кај останатите, оваа година Скопјани да дишат помалку загаден воздух, изјави Мирослав Богдановски.