Пред девет години, во 2017 година, започна приказната на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ на Македонија.
Од самиот почеток, идејата беше да се создаде простор во кој сестринството ќе биде поврзано, професионално организирано и постојано насочено кон знаење, едукација и развој. Во истата година беше формирана и Унијата на ЗМСТАС на Македонија, предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“ на Македонија.

Само една година подоцна, во 2018та, во Струга, се одржа и првиот конгрес со меѓународно учество.
Оттогаш до денес, низ активностите на здружението поминаа бројни стручни симпозиуми, свечени академии, работилници, едукативни програми и иницијативи посветени на различни области од сестринството.

Но, покрај професионалниот развој, ЗМСТАС „ЗА НАС“ на Македонија низ годините ја гради и својата човечка страна – преку хуманитарни акции, каравани, донациски базари и програмата „Од сестрите за сестрите“.
Во меѓувреме, растеше и соработката надвор од границите на Македонија. Се отвораа нови контакти со сестрински организации и професионални структури од регионот и Европа, а во 2025 година беше одржана и Првата конференција на сестринството од Југоисточна Европа.

И сега сме во 2026 година. Година во која „ЗА НАС“ одбележува уште еден важен момент, Петтиот меѓународен конгрес на медицински сестри.
Пет конгреси. Девет години работа, едукација, поврзување и градење на една професионална заедница.
А овојпат, јубилејот носи и нешто ново. Во рамките на конгресот, за првпат ќе се одржи и Првиот меѓународен самит на сестринските здруженија, асоцијации и федерации, каде ќе учествуваат над 20 држави и над 40 асоцијации, федерации и комори.
Така, она што започна во 2017 година продолжува да се развива од една професионална иницијатива, во простор за средба, размена и заедничко дејствување.
Од 2 до 4 октомври, Струга повторно ќе биде место на кое ќе се сретне сестринството.


